Целосното ставање во функција на мобилната болница на АРМ ќе биде во текот на следната недела. Овој капацитет со дополнителни 130 кревети е сместен во кругот на Клиниката за инфективни болести во Скопје. Министерот за здравство Венко Филипче, министерката за одбрана Радмила Шекеринска и скопскиот градоначалник Петре Шилегов денес ја посетија оваа локација.
– Тука е центарот на експертизата, специјалистите по инфективна медицина, медицинските сестри, вклучително и резервниот тим од другите клиники кој ротира како поддршка на Клиниката и на вработените кои имаат соодветен распоред на работа – рече Филипче.
Министерката за одбрана Радмила Шекеринска посочи дека веќе започнало целосното опремување на полската болница.
– Можевме да разгледуваме и други опции, меѓутоа оваа варијанта да имате сè во непосредна близина на Инфективната клиника навистина е квалитетно, добро и ефикасно решение. Оваа болница и целокупната опрема во неа е донација од Норвешка – изјави Шекеринска.
Скопскиот градоначалник Петре Шилегов истакна дека е горд на заедничкиот напор на вработените во рамките на Градот Скопје, Министерството за здравство и армијата коишто работејќи и навечер успеале да го расчистат просторот, да се подготви подлогата и да се постави полската болница.
Мобилната болница во непосредна близина на Клиниката за инфективни болести треба да служи како сместувачки капацитет за новозаболени лица од корона вирусот, на кои им е неопходна хоспитализација и болнички третман.