Народната банка подготвува посебно решение за исплата на пензиите на околу 3.500 пензионери коишто примаат пензија преку Алта банка Битола, а немаат платежни картички, најави гувернерот Трајко Славески. Тој вели дека за пензионерите без картички се разгледува можноста да се овозможи еднократно подигнување до 20.000 денари преку шалтер, со цел да им се олесни пристапот до нивните средства и да се избегнат повеќекратни посети на шалтерите.
Истовремено, рече Славески, се бараат решенија и за компаниите коишто имаат средства во Банката, а треба да ги исплатат платите и да ги подмират обврските за даноци и придонеси. Во однос на работењето на правните лица коишто имаат сметки во Алта банка согласно со воведените мерки, тие можат да вршат внатрешни плаќања во рамките на Банката, кон сметките на други правни и физички лица, без ограничување на износот. Преносите на средства надвор од Банката се привремено ограничени.
„Народната банка ги разгледува и можните решенија за компаниите коишто имаат средства на сметки во Банката, а треба да ги исплатат платите на вработените и да ги подмират обврските за даноци и придонеси, имајќи предвид дека законскиот рок за нивно плаќање е до 15-ти во месецот“, истакна гувернерот. Тој посочи дека Народната банка континуирано ја следи состојбата, а воведените ограничувања ќе се разгледуваат во согласност со развојот на настаните. Јавноста ќе биде навремено информирана за сите релевантни промени и донесени одлуки.
Во рамките на натамошните активности, Народната банка испратила известување до надлежниот регулатор во Србија, со барање во рок од три дена да се произнесе дали Алта банка Белград ќе ги понуди на продажба акциите во Алта банка Битола.
„Без разлика дали ќе добиеме одговор од регулаторот, по истекот на десет дена Народната банка ќе ги понуди акциите на Македонската берза. Постои интерес од неколку потенцијални инвеститори, од земјата и од странство, за преземање на акциите на Банката. Постапката за евентуална продажба ќе се спроведе во согласност со законската регулатива и надлежностите на Народната банка. Целта е да се обезбеди избор на соодветен инвеститор којшто ќе ги исполнува законските и супервизорските критериуми за стекнување квалификувано учество и ќе придонесе за долгорочна стабилност и непречено работење на Банката“, истакна гувернерот.
