Новиот гувернер на Народната банка, Трајко Славески, на денешната средба со претставниците на банките, штедилниците и останатите членки на Македонската банкарска асоцијација (МБА), презентираше сет конкретни предлози за намалување или укинување на надоместоците за платежни услуги што ги плаќаат граѓаните и компаниите. Народната банка, како што истакна Славески, ќе го направи првиот чекор преку намалување на сопствените надоместоци што ги наплатува од банките за услугите во Македонскиот интербанкарски платен систем (МИПС), посебно за долговниот промет.
„Очекуваме и банките во најкус можен рок да ја ревидираат висината на надоместоците за извршување на плаќањата за граѓаните и компаниите и да ги постават на разумно ниво“, рече гувернерот нагласувајќи дека надоместоците мора да бидат одржливи за банките, но и фер и прифатливи за корисниците.
Славески посочи дека регулаторната рамка во државата е значително унапредена и усогласена со европските директиви, што придонесе да станеме членка на Единствената област за плаќања во евра СЕПА. Според Славески, создадена е средина во која платежните услуги се третираат како услуги од јавен интерес. Тоа, како што вели тој, подразбира обврска секој граѓанин, без разлика на неговата социјална положба или степен на дигитална писменост, да има пристап до сигурни, достапни и квалитетни платежни услуги.
„Во 21 век пристапот до платежни услуги не е привилегија, тоа е основна потреба и предуслов за економско учество и социјална интеграција“, истакна гувернерот.
Тој рече оти според податоците за 2024 година, нето-приходите од надоместоци учествуваат со 18 отсто во вкупните нето-приходи на банките. Според него, овие приходи, заедно со приходите од камати, придонесуваат за профитабилноста на банките, при што просечниот поврат на сопствениот капитал (ROE) изнесува околу 20 отсто, а кај некои банки дури и повеќе.
Славески предупреди дека високите трошоци за извршување на плаќањата особено го погодуваат населението со пониски примања, кое во услови на скапи услуги се потпира на готовинско работење, што ја поттикнува сивата економија. Тој посочи дека поставувањето разумни надоместоци ќе придонесе за поголема финансиска вклученост, дигитализација на услугите и формализирање на економските текови.
Според Славески, примери за трошоците кои што можат да се намалат или укинат се тие за:
- Надоместоците за одржување на платежната сметка за компаниите – да се намалат;
- Надоместоците за користење на електронското и мобилното банкарство – да се укинат;
- Надоместоците за плаќањата со платни налози во рамки на банката – да се укинат;
- Надоместоците за меѓубанкарските плаќања во домашната валута кои се извршуваат преку платните системи КИБС и МИПС – да се намалат;
- Надоместоците за подигнувањето готовина на туѓи банкомати во земјата и странство кои кај некои банки се и во вид на процент од износот – да се намалат и поедностават како фиксен трошок по трансакција;
- Надоместоците за прифаќање картички на продажни места кај трговците – да се намалат, имајќи предвид дека меѓубанкарските провизии се ограничени со Законот за платежни услуги и платни системи и се сведени на нивоата во ЕУ.
Гувернерот апелираше банкарскиот сектор да ја прифати иницијативата и да ја стави корисничката перспектива во центарот на своето работење, во насока на инклузивен и социјално одговорен банкарски систем.
Претседателката на Македонската банкарска асоцијација, Маја Стевкова Штериева, изрази благодарност до гувернерот за изнесеното обраќање и ги сподели ставовите на Асоцијацијата по однос на предлозите за намалување на надоместоците за платежни услуги.
Во своето излагање таа потенцираше дека цените на банкарските услуги се определуваат индивидуално од страна на секоја банка, преку органите на управување, и дека Македонската банкарска асоцијација, од своето основање до денес, никогаш не дискутирала за цените на производите или услугите како заедничка тема.
„Во иднина, ќе продолжиме да дискутираме за можните насоки на дејствување, но одлуките за цените остануваат во надлежност на секоја банка поединечно“, истакна таа.
Воедно, претседателката посочи дека е важно да се согледа контекстот на податоците што се објавуваат во јавноста, особено во однос на учеството на надоместоците во приходите на банките. Таа додаде дека банкарскиот сектор е меѓу најтранспарентните во земјата, обврзан да објавува точни и детални информации согласно регулативата, што не е случај со голем дел од другите сектори во економијата.
„Кога правиме споредби, мора да имаме предвид дека банкарскиот сектор функционира на високо ниво на транспарентност додека кај многу други сектори тоа не е така – податоците често се нецелосни или неточни“, нагласи Стевкова Штериева.
Во однос на евентуалното намалување на одредени надоместоци, таа посочи дека станува збор за сложен процес кој бара внимателна анализа на трошоците, особено имајќи ги предвид значајните расходи што банките ги имаат, како во делот на ИТ, така и за услугите поврзани со меѓународни провајдери во областа на картичниот бизнис.
„Затоа се залагаме колку што е можно повеќе услуги да се развиваат со сопствени ресурси во Македонија, што би придонело за намалување на трошоците и овозможување поповолни услови за клиентите“, додаде таа.
