fbpx

Слаби ефекти од ланскиот скопски буџет за екологија

-

Најавени, па делумно реализирани активности, одложени проекти, ненаправени испитувања на влијанијата врз животната средина, ова е билансот на реализацијата на минатогодишниот буџет за животна средина на Град Скопје. Иако беше најавуван како една од прогресивните мерки на градските власти за справување со проблемите од областа на животната средина веќе и поради тоа што беше за 32 проценти повисок од оној за 2018 година, речиси незабележителни се ефектите кои минатогодишниот буџет за екологија на Градот ги имаше врз подобрувањето на квалитетот на животната средина.

Од 186 милиони денари кои Град Скопје ги издвои лани во буџетот за мерки кои се однесуваат на заштита на животната средина, 97 милиони требаше да се за заштита на амбиенталниот воздух. Така, градот со 20 милиони денари субвенционираше набавка на посовремени уреди за затоплување односно инвертори и, според информациите од градските служби, беа опслужени повеќе од 1.600 граѓани кои барале субвенции.

Кон крајот на годината на плоштадот ВМРО конечно беше поставен и долго најавуваниот мерач на загадувањето во центарот на Скопје, кој уште во 2011 година најпрво беше поставен, па за кусо време тргнат од првобитната локација. Беа субвенционирани и 550 домаќинства за печки на пелети, како и 395 домаќинства кои добија субвенции за чистење на оџаци. Беа дадени и субвенции на 200 граѓани за набавка на електрични тротинети, за кои огласот траеше само еден ден бидејќи многу бргу беше исполнета предвидената квота на пријави.

Иако Градот и лани како и преклани планираше 20 милиони денари за субвенции за приватни автобуски превозници за адаптирање на постојните автобуси со мотори на еколошки горива, ова мерка не донесе никакви резултати бидејќи на огласот не се пријави ниту еден авто-превозник. Градот Скопје на неколку средби се обиде да ги информира и анимира претставниците на приватните превозници за поволностите кои се нудат, но истите не предизвикаа интерес кај нив, информираат од Град Скопје. Со последниот ребаланс на Буџетот на град Скопје најголемиот дел од овие средства (19 милиони денари) беа пренаменети за други активности.

Градскиот буџет предвиде 2 милиони денари и за изработка на документација за Вардариште, но ова остана нереализирано, а средствата не беа потрошени. Со цел да се прејде на негова реализација потребно е општина Гази Баба да донесе соодветен ДУП, информираат од Град Скопје. Решавање на судбината на некогашната градска депонија Вардариште беше и едно од барањата на организаторите на протестите за чист воздух, од коалицијата Зелен фронт. Во своите ургентни барања до Владата, меѓу другото, беше побарано и ДУП за Вардариште. Одговорот на Владата беше дека ова барање е прифатливо, притоа информирајќи дека овој ДУП на општина Гази Баба за Вардариште моментално е на усогласување во Градот Скопје, и требаше да биде усвоен на наредната седница на Советот на Градот. Владата тогаш вети дека Министерството за транспорт и врски и Општина Гази Баба во најкраток можен рок ќе го разгледаат усогласениот ДУП и дека планот ќе биде усвоен најдоцна до крајот на 2019 година, но тоа не се случи. Ставката за Вардариште е предвидена и во Буџетот на Град Скопје за 2020 година.

Пет милиони денари беа предвидени за реализација на зелениот коридор на реката Серава за 2019, но овој проект не беше реализиран иако веќе трета година се препишува во годишните програми на Градот. Според одговорот кој Мета го доби од надлежните во Град Скопје, во тек е неговата реализација. Зелени коридори на реките Лепенец и Серава беа дел од изборните ветувања на градоначалникот на Скопје, Петре Шилегов, а тој истите ги вети и во текот на преговорите со граѓанските активисти кои протестираа против изградбата на гасоводот преку Водно, како своевидна компензација на уништеното зеленило во парк-шумата.

Развивањето на првата урбана градина во Скопје, нешто што инаку е еколошки тренд во голем број светски градови, ќе остане за реализација во 2020 година и покрај тоа што беше најавена и за неа беа издвоени два милиони денара и во минатата година.

Иако беа предвидени дури 20 милиони денари за она што градот амбициозно го нарече – Реализација на мерки од Стратегијата за намалување и прилагодување на климатските промени за Град Скопје, во пракса Скопјани добија само делумно зазеленет покрив на Градскиот трговски центар во ноември минатата година. Овој, за многумина контроверзен проект градот го чинеше 32 милиони денари и воедно беше и единствената мерка која минатата година беше реализирана на планот на справување со влијанијата на глобалното затоплување во Скопје.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Деновите од изборите ќе се одработат, учениците подолго ќе престојуваат во училиште

Министерството за образование и наука информира дека наставата од деновите на гласање - 24 април и 8 мај, како и од 30 ноември кога беше организиран Самитот на ОБСЕ...