Фото: Арбнора Мемети

За петтиот пакет антикризни мерки Стопанската комора на Северозападна Македонија, СКСЗМ, испорача до Владата повеќе барања. Пред сѐ, од Комората оценуваат дека, за да се врати економијата во нормална траекторија, Владата во претстојниот период треба да се фокусира на започнување на процесот на вакцинација против ковид-19, со цел отворањето на економијата да се случи што е можно побрзо. Исто така, за да се стимулира економската активност потребно е реализирање на капиталните расходи во стапка од минимум 85 отсто, како и основање на посебен фонд за компаниите од најпогодените сектори.

„СКСЗМ апелира до Владата да обезбеди протоколи за работа, со цел компаниите од туристичкиот сектор да можат да ја извршуваат дејноста и да обезбедат ликвидност и зачувување на работните места, бидејќи овој сектор вработува над 30.000 лица во земјата. Предлагаме да се отворат делумно затворените сектори (Туризам и ХОРЕКА),  во согласност со здравствените препораки на СЗО“, соопштија од СКСЗМ.

Комората предлага и да продолжи мерката за субвенции на платите во износ од 14.500 денари најмалку до месец март 2021, како најсоодветна мерка за зачувување на работните места, да се зголеми фондот на Развојната банка за кредити со ниски каматни стапки, увозот на суровини за производните компании да биде со 0 акциза, да се предвидат финансиски средства за компаниите кои инвестираат во дигитализација и зголемување на технолошките капацитети како и да се укине данокот на добивка до 2022 година за најпогодените компании од пандемијата и друго.