„Скриени желби, немирни патувања“ од Владимир Јанковски е прогласен за Роман на годината

Романот „Скриени желби, немирни патувања“ од авторот Владимир Јанковски, во издание на издавачката куќа „Антолог“ е прогласен за „Роман на годината“. Оваа книжевна награда по 22. пат ја доделува Фондацијата „Славко Јаневски“ под генерално покровителство на Комерцијална банка АД.

„Литературата и раскажувањето приказни ни се потребни, бидејки прикажуваат дека животот е полн со нијанси, не е црно-бел, туку полн со различни перспективи. Треба сите да се потрудиме литературата и уметноста да допрат до нашите сограѓани, бидејки така создаваме посложена перспектива за животот што не опкружува. Затоа приказните и литературата се многу битни“, изјави лауератот Јанковски.

„Скриени желби, немирни патувања“ е мозаичен роман во кој врз основната приказна за четири ликови се вкрстуваат приказните на педесетина луѓе од различни географски меридијани. Книгата претставува микс од приказни, преплетени и вмрежени меѓу себе, доловени со многу детали, хаику-моменти, филмски секвенции, духовни епифании. Роман за интеракцијата меѓу личното и надворешното, за начинот на кој атмосферата и ситуациите ги обликуваат нашите внатрешни пејзажи, за потребата да се раскажуваат приказни и да се пронаоѓаат сјајот и лагата во нив.

Оваа година за наградата конкурираа 41 роман, а во најтесниот круг се натпреваруваа петте романи: „Лето во кое те нема“ од Петар Андоновски („Или – или“), „Суво мастило“ од Владимир Илиевски („Македоника литера“), „Скриени желби, немирни патувања“ од Владимир Јанковски („Антолог“), „Сфинга на гневот“ од Жарко Кујунџиски („Антолог“) и „Куќа над брановите“ од Билјана С. Црвенковска („Чудна шума“).

Во состав на жири комисијата беа Оливера Николова, која беше лауреат за 2019 година со книгата „Песот со тажен поглед“, Зоран Анчевски, Калина Малеска, Живко Гроздановски и Катерина Богоева.

Лауретот ќе добие статуетка и парична награда од 150.000 денари.