„Скриени желби, немирни патувања“ од Владимир Јанковски е кандидат за Наградата за литература на ЕУ

Фото: Издавачка куќа Антолог

Владимир Јанковски со својот невообичаен роман полн со пресврти, „Скриени желби, немирни патувања“ во издание на „Антолог“ е македонскиот кандидат за овогодинешниот избор на Наградата за литература на Европската Унија. Тој влегува во селекција заедно со уште тринаесет други претставници од различни европски земји.

„Скриени желби, немирни патувања“ е мозаичен роман во кој врз основната приказна за четири ликови се вкрстуваат приказните на педесетина луѓе од различни географски меридијани. Книгата претставува комбинација од приказни, преплетени и вмрежени меѓу себе, доловени со многу детали, хаику-моменти, филмски секвенции, духовни епифании“, стои во описот за избраната книга.

Ова е втор препознатлив успех што го достигнува Јанковски со своето дело, откако претходно во 2020 година ја доби наградата „Роман на годината“ во земјава.

За овој роман, професорката и литературна критичарка Лидија Капушевска-Дракулевска ја даде следнава критика: „особено е интересен феноменот на хронотопичноста, таа испреплетеност на судбините на луѓето од различни меридијани на светот, како и сведувањето на човековото постоење на синџир од средби и разделби, разминувања и созвучја…“.

Литературната критичарка Александра Јуруковска вели: „книгата на Јанковски е загатка со мноштво решенија. Мозаичниот приказ на ликовите (повеќе од педесет), но уште повеќе на приказните што се плетат околу нив, ја прави интересна и во жанровска смисла – роман што може да се чита и како збирка раскази, корпус навидум неповрзани приказни“.

Наградата за литература на Европската Унија е иницијатива со која се истакнуваат најдобрите нови прозаисти од Европа. Наградата се доделува од 2009 година, при што секоја земја што учествуваше во проектот прогласуваше по еден национален добитник на наградата.

Во 2010 година писателот Гоце Смилевски ја доби наградата за романот „Сестрата на Зигмунд Фројд“, а во 2013, авторката Ли­ди­ја Дим­ков­ска за нејзиниот роман „Ре­зер­вен жи­вот“.

Од организацијата посочуваат дека од 2022 година концептот на наградата се менува; наместо добитници на наградата од секоја земја учесничка, седумчлена европска комисија ќе додели една награда на главниот добитник на Наградата, а пет автори ќе бидат посебно истакнати.

Освен избраниот победник, сите номинирани автори континуирано ќе бидат промовирани на европската книжевна сцена, со цел нивните дела да допрат до поширока публика, како и да ги надминат јазичните и границите на своите национални книжевности.

Владимир Јанковски дипломирал на Катедрата за општа и компаративна книжевност на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје. Досега има објавено три романи: „Скриени желби, немирни патувања (2020), „Невидливи љубови“ (2015) и „Вечно сегашно време“ (2010). За „Невидливи љубови“ се стекна со наградата „Рациново признание“. Активно се занимава со литературен превод.