По веста на „Порталб.мк“ дека плаќањето за зонското паркирање во Тетово е подолго од повеќето други општини како Гостивар, Куманово и Скопје, Советот на општина Тетово донесе одлука за намалување на времетраењето на работата на паркингот во саботите и зимската сезона, пишува „Порталб.мк“.
На 29-тата седница на општинскиот совет, на дневен ред беше и промената на правилникот за начинот и условите за паркирање и времетраењето на паркирањето. Претставниците на ЈП „Градски паркинг“ – Тетово рекоа дека ваквата одлука следува по поплаките на медиумите и граѓаните.
– Зонското паркирање ќе се организира според летен и зимски период, и тоа од 1 мај до 30 септември работното време на паркингот ќе биде од понеделник до петок од 7 до 23 часот и во сабота од 7 14 часот. Зимскиот распоред ќе биде од 1 октомври до 30 април од 7 до 21 часот и во сабота од 7 до 14 часот, а државните празници ќе бидат бесплатни – рекоа од ЈП „Градски паркинг“.
Советниците на Алијансата за Албанците се спротивставија на ваквата одлука, велејќи дека делењето на времетраењето на паркингот во две сезони е нелогичен чин.
Тие предложија тетовци да имаат олеснувања во зонското паркирање во текот на целата година, а не само во зимската сезона, посочувајќи за впечатокот дека се сака да се инкасираат што е можно повеќе пари од иселениците.
– Советникот на AА предложи да нема разлика во должината на паркингот на две сезони и тоа треба да биде од 7 до 21 часот, а во сабота од 7 до 14 часот. Бидејќи овој начин, како што сега се предлага, нема логика, во некоја форма, испаѓа дека само затоа што имаме иселеници во летната сезона, времетраењето ќе биде подолго за да се инкасираат што повеќе пари – рече Ариф Селами, советник на АА.
Тој за да го оправда предлогот паркингот да биде до 21 часот во текот на целата година, ја спомна практиката на Гостивар, Куманово и Скопје, цитирајќи ја веста на „Порталб.мк“ во врска со ова.
Овој предлог не успеа да помине, бидејќи го поддржаа само советниците од редовите на ВМРО-ДПМНЕ. Претседателот на Советот, Мемети, предлогот на советниците на АА го нарече како коректен. Сепак, тој додаде дека тоа не е во согласност со финансиските интереси на јавното претпријатие „Градски паркинг“.
– Во иднина би сакале и ние да имаме зонско паркирање во текот на целата година до 21 часот, но земајќи ги предвид другите општини како што се Битола, Струмица и скопските општини, решивме да го оставиме вака. Тука треба да се земе предвид и финансискиот аспект, претпријатието не треба да се оштети затоа што токму од овој приход претпријатието само преживува – рече општинскиот претседател Беким Мемети.
Тетово веќе неколку години се соочува со недостиг на паркинзи. Во последниве години бројот на автомобили во тетовскиот регион значително се зголеми, додека според податоците од јуни 2019 година, има само 1.000 места за паркирање.
Градоначалничката на Тетово Теута Арифи, неколку пати има дадено ветување дека зонското паркирање ќе се прошири во градот. Таа ова го изјави и во интервју за „Порталб“ во мај минатата година. Изградбата на четирите главни булевари во градот се сметаше како корисно решение за олеснување на сообраќајот, но ниту еден од нив не е целосно изграден.