fbpx

Скопското обвинителство поднесе кривична пријава против управителот на „Беса Транс“

-

Основното јавно обвинителство – Скопје поднесе кривична пријава за фалсификување исправа против управителот на „Беса Транс“, кој е обвинет дека им давал на возачите кои управувале со автобусите лажен Извод од лиценца за вршење на јавен превоз во меѓународниот патен сообраќај и со неа тие ја преминувале државната граница.

Во автобуската несреќа во ноември во Бугарија, во автобусот на „Беса Транс“ загинаа 45 лица.

Обвинителите во текот на постапката обезбедиле докази дека во периодот од 10 јануари до 21 ноември минатата година, автобусот на тој начин 20 пати ја преминал државната граница на различни гранични премини.

„Обвинетиот 41-годишник, како управител на правното лице од Рашче, искористувајќи ист траен однос, исти прилики и слични околности, преку возачите кои управувале автобус во сопственост на фирмата, извршил повеќе временски поврзани дејствија и употребувал како вистинска лажна јавна исправа  – Извод од лиценца за вршење на јавен превоз во меѓународниот патен сообраќај. Ваквата лиценца за наведениот автобус воопшто не била издадена од Министерството за транспорт и врски, а управителот изготвената лажна јавна исправа им ја давал на возачите кои го управувале автобусот и со неа тие ја преминувале државната граница“, се вели во соопштението од оваа институција.

Дополнително ОЈО информира дека се прибрани докази во текот на претходната постапка, кои се однесуваат на постапувањето на царинските службеници на граничните премини задолжени за контрола на изводите од лиценци. Тие, Основното јавно обвинителство Скопје ќе ги достави до Одделението за гонење на кривични дела сторени од лица со полициски овластувања и припадници на затворската полиција во Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција.

Во ноември минатата година, на автопатот „Струма“ во Бугарија во пожар во автобус на Беса Транс загинаа 45 македонски државјани, што патувале на релација Истанбул – Скопје. Од загинатите 17 беа деца, од кои пет на помала возраст, а 12 во тинејџерски години. Само четворица мажи и три жени ја преживеаја страотната сообраќајна несреќа кои сведочеа дека автобусот удрил во бариера и се запалил.

Во истрагата за кобниот настан беше утврдено дека автобусот со кој се случила несреќата не се наоѓа во електронската база на Министерството за транспорт и врски, иако скопската компанија „Беса транс БТБ“ во 2018 година добила лиценца за вршење на меѓународен слободен превоз на патници. Тогаш таа доставила целокупна документација и ја добила лиценцата, но конкретниот превозник е заведен со четири возила кои поседуваат лиценци за превоз и четири возачи. Сепак, возилото кое учествувало во сообраќајната несреќа немало извод од лиценца, односно превозникот вршел транспорт на патници без извод од лиценца за конкретното возило.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Грчкиот дипломат Рокас доаѓа на местото на Дејвид Гир како амбасадор на ЕУ за С. Македонија

Жосеп Борел, високиот претставник на Европската Унија, номинираше 44 нови шефови на делегации на ЕУ, вклучително и нови амбасадори на ЕУ во Босна и Херцеговина, Црна Гора и Северна...