Скопските средношколци денеска маршираа за мир во светот

Фото: Организатори на мировниот марш

Денеска во Скопје се одржа Мировен марш под мотото „ПОМИСЛЕТЕ НА НАС, ЗА ПРОМЕНА“, којшто беше организиран од скопските средношколци.

Маршот започна со собир пред Собранието на Република Северна Македонија, и продолжи со мирно движење низ центарот на градот, се до Владата на Република Северна Македонија.

На маршот доминираше белата боја – бојата на мирот, а учесниците носеа транспаренти со мировни пораки.

Иницијативата за овој мировен марш произлезе од средношколци, во рамките на проект за свесноста и делувањето во граѓанскиот сервис. Идејата доби поддршка и од  членови на Сојузот на средношколска младина на Македонија.

Основната цел на овој марш, е да се крене свесноста на младите луѓе во Македонија за тоа  дека е потребно токму тие, младите, да бидат активни учесници во својата земја и светот, и гласно да ги изразат своите ставови и мислења против сите војни во целиот свет.

На маршот беше одржан и пригоден говор, на кој покрај основната порака, беше гордо спомената и нашата сограѓанка Мајка Тереза, добитничка на Нобеловата награда за мир. Симболично, на крајот на маршот во воздухот беа пуштени бели балони, за сите 7 (седум) континенти на светот и сите земји членки на Обединетите нации.

На маршот се обрати средношколката Ведрана Серафимовска Милошевска, ученичка во прва година во училиштето НОВА од Скопје, која му се заблагодари на претседателот на Сојузот на средношколците Лука Павиќевиќ за помошта во организацијата на настанот.

„Не барајте од нас младите да бираме страни. Нашиот избор е, и засекогаш ќе биде, МИР! Ние сите припаѓаме на овој свет“, истакна во својот говор Ведрана Серафимовска Милошевска.