Граѓаните кои први ја купиле картичката „Скопска“ пред четири години ќе мора да ја променат со нова, поради тоа што е истечен нејзиниот рок на важност. Од ЈСП – Скопје информираат дека станува збор за персонализираните електронски картички, и тоа за оние сопственици кои први ја извадиле оваа картичка во 2015 година.

– Замената на картичките е на трошок на сопственикот на картичката. Во случај картичката да е истечена, а на неа да има неискористени средства, тие системски ќе бидат префрлени на новата картичка – информираат од ЈСП.

Замената на картичката „Скопска“ може да се направи во центрите за персонализација на Транспортен центар, во центарот за персонализација во Карпош 2 и во Аеродром до ТЦ Капитол. Воедно, граѓаните на овие локации можат да го проверат статусот на нивните картички во однос на рокот на нивната важност.

Неопходноста од замена на персонализираните електронски картички „Скопска“ е во согласност со одлуката за Интегриран тарифен систем за линиски превоз на патници во град Скопје од 2015 година, во која е наведено дека рокот на важност на оваа картичка изнесува 4 години.