На прсти може да избројат општините кои на своите веб-сајтови објавуваат информации за јавните набавки согласно последните препораки на Владата. Најлефтерни во однос на бараната транспаретност при набавките се чини дека се скопските општини на чии сајтови граѓаните и компаниите има повеќе шанси да се информираат кога ќе се одржи концерт на Пол ван Дајк или на некој фолклорен изведувач отколку да разберат на што се трошат јавните пари и кој ги добива општинските тендери.

Ова е само еден од наодите до кои дојде „Мета.мк“ и кои ги објавуваме во три дела, истражувајќи дали министерствата, органите на државната управа и општините ги почитуваат владините препораки од седницата одржана на 16 јули, годинава на која ги задолжи сите органи на државната управа и им даде сугестија на општините во рок од 30 дена на своите интернет страници да објават линкови од годишни планови за јавни набавки, огласите за јавни набавки, известувањата за склучен договор и склучените договори и известувањето за реализиран договор за 2019 година, преку автоматско превземање на податоците од Електронскиот систем за јавни набавки (ЕСЈН) и истото да го вршат континуирано, како што овие документи се објавуваат на Електронскиот систем за јавни набавки (ЕСЈН).

Иако имаат најголеми буџети и се најдобро екипирани со кадар општините во Скопје не се потресоа околу најновите владини препораки со оглед на тоа што  повеќето од нив не извршија никаква промена на своите сајтови во насока на зголемување на транспаретноста при јавните набавки.

Анализата на сајтовите на 80. општини во земјава покажа дека најголем број од нив воопшто не посветуваат внимание на оваа проблематика, дека некои од нив немаат веб-сајтови, но и дека има неколку мали општини кои ги исполнуваат сите дадени препораки во однос на информирањето на јавноста за тендерите иако „кубурат“ со средства во однос на скопските општини.

Во продолжение ви ги претставуваме наодите од истражувањето за секоја општина одделно по азбучен ред:

На веб-сајтот на Општина Аеродром има таб јавни набавки кој не функционира односно не се објавени ниту тендерите, ниту склучените договори, нема линк до Електронскиот систем за јавни набавки (ЕСЈН), а последниот објавен годишен план за јавни набавки е за 2015 година.

Општина Арачиново на својот веб-сајт има таб огласи каде последна и единствена објава е тендерската документација за изградба на општинската зграда од февруари 2018 година. На сајтот не може да се најде годишен план за јавни набавки, ниту пак линк до ЕСЈН.

Општина Берово на веб-сајтот има функционален таб за јавни набавки каде редовно се објавуваат распишаните тендери и јавни повици, како и склучените договори, но не може да се најде годишен план за јавни набавки.

Општина Богданци има посебен таб за јавни набавки каде редовно се објавуваат линкови до ЕСЈН од објавените тендери и има објавено годишен план за јавни набавки, како и измени на планот за 2019 година.

Општина Битола има посебен таб за годишните планови за јавни набавки, како и посебен таб со активни линкови до ЕСЈН односно до распишаните повици и тендери и до склучените договори.

Општина Боговиње на својот веб сајт во табот документи има објавено годишен план за јавни набавки, измени и дополнувања на годишниот план за јавни набавки, информации за распишаните огласи и тендери, како и за склучените договори.

Општина Босилово во делот е-општина има посебен таб за јавни набавки каде има линк до ЕСЈН и се објаснува дека од јануари 2010 година, Бирото за јавни набавки направило интеграција на постечките системи за јавни набавки во еден систем и дека сите огласи и потребна документација се објавуваат таму.

„Во рамките на веб-локацијата на Општина Босилово  ќе се објавуваат информации за јавните набавки и линкови до системот на Бирото за јавни набавки од каде ќе можете да ја превземете потребната документација“, најавиле од општината, но информации и линкови за преземање на докуметацијата не се објавени.

Општината не објавува годишни планови за јавни набавки.

На веб-сајтот на општина Брвеница има посебен таб за јавни набавки каде е објавен годишен план за јавни набавки за 2018 година, како и склучените договори по распишаните тендери од минатата година, што укажува на неажурност во објавувањето на податоците. На сајтот не може да се најде линк до ЕСЈН.

Општина Бутел на својот веб-сајт има таб јавни набавки со можност за избор на година, но нема објавено ниту еден тендер за 2019 година, ниту пак годишен план за јавни набавки. На сајтот нема линк до ЕСЈН.

Општина Валандово на веб-сајтот има таб финансии каде има дел за јавни набавки и активни линкови до тендерите што се објавени преку ЕСЈН. Но сајтот се чини дека не се ажурира со оглед на тоа што последните линкови се за тендери од 2018 година. На сајтот исто така нема објавено годишен план за јавни набавки.

Веб-сајтот на општина Василево воопшто не функционира.

На сајтот на општина Вевчани има таб јавни набавки, но нема никакви објави на распишани тендери, ниту од склучени договори, ниту пак објавен годишен план за јавни набавки.

Општина Велес во моментов поставува нов веб-сајт.

На сајтот на општина Врапчиште нема посебен дел за јавни набавки, не е објавен годишниот план за јавни набавки, ниту пак има линк до ЕСЈН.

Општина Виница на својот веб-сајт има таб јавни набавки кој не функционира односно не се отвара, не се објавуваат распишаните тендери и склучени договори, ниту пак има линк до ЕСЈН.

На веб-сајтот на општина Гази Баба има посебни делови за планови за јавни набавки и за распишани повици. Но, последниот објавен годишен план за јавни набавки е за 2018 година. На сајтот нема линк до ЕСЈН и не се објавуваат склучените договори по распишаните јавни набавки.

Општина Гевгелија на својот веб-сајт има посебен таб за јавни набавки каде се објавуваат тендери и повици, како и годишниот план за јавни набавки. Не може да се најдат објави за склучените договори, како и линк до ЕСЈН.

На веб-сајтот на општина Ѓорче Петров има посебен дел за јавни набавки, каде што се објавени годишните планови за јавни набавки за 2017 и за 2018 година, но не и за 2019 година. На сајтот не се објавуваат распишаните тендери, но има линк до ЕСЈН.

Општина Гостивар на својот веб-сајт нема посебен дел за јавни набавки, ниту линк до ЕСЈН, ниту пак се објавени тендери и годишен план за јавни набавки.

На веб-сајтот на општина Градско во делот документи има објава на годишен план за јавни набавки, но нема посебен таб за јавни набавки, ниту линк до ЕСЈН.

Град Скопје на веб-сајтот има поставено таб за пристап до ЕСЈН, но не можат да се најде планот за јавни набавки за 2019 година, ниту пак објавените тендери и склучени договори.

Општина Дебар на својот веб-сајт има линк до ЕСЈН, има таб за план за јавни набавки кој не функционира и не се објавуваат тендерите и склучените договори.

На веб-сајтот на општина Дебарца има линк до ЕСЈН, се објавуваат некои повици за набавки под таб огласна табла, но не може да се најде годишен план за јавни набавки.

Општина Делчево на веб-сајтот има таб јавни набавки на кој се објавени тендерите и склучените договори по распишаните набавки. На сајтот има и линк до ЕСЈН, но не може да се најде годишен план за јавни набавки.

На веб-сајтот на општина Демир Капија нема посебен дел за јавни набавки, нема линк до ЕСЈН, не се објавуваат тендерите и склучените договори и нема годишен план за јавни набавки.

Општина Дојран на веб-сајтот во делот финансии има таб јавни набавки, но последните објавени тендери се од 2018 година. На сајтот нема објавено годишен план за јавни набавки, а има линк до ЕСЈН.

На сајтот на општина Демир Хисар има посебен таб за јавни набавки каде редовно се објавуваат распишаните тендери. Исто така има таб склучени договори, но не е објавен ниту еден склучен договор. На сајтот не може да се најде линк до ЕСЈН и годишен план за јавни набавки.

Општина Долнени на веб-сајтот нема посебен дел за јавни набавки, не се објавуваат тендери и годишни планови за јавни набавки, нема линк до ЕСЈН и не се објавуваат склучените договори по распишаните тендери.

Веб-сајтот на општина Желино не функционира.

Општина Зелениково на веб-сајтот нема посебен дел за јавни набавки, не се објавуваат тендери и годишни планови за јавни набавки, нема линк до ЕСЈН и не се објавуваат склучените договори по распишаните тендери.

На сајтот на општина Зрновци има посебен таб за јавни набавки каде редовно се објавуваат распишаните тендери и склучените договори. На сајтот не може да се најде линк до ЕСЈН и годишен план за јавни набавки, како и измени на планот.

Општина Илинден на веб-сајтот има посебен таб јавни набавки каде е објавен годишен план за јавни набавки и има линк со ЕСЈН со објаснување дека таму можат да се најдат сите детали околу распишаните тендери и склулените договори.

На веб-сајтот на општина Јегуновце нема посебен дел за јавни набавки, не се објавуваат тендери и годишни планови за јавни набавки, нема линк до ЕСЈН и не се објавуваат склучените договори по распишаните тендери.

Општина Кавадарци има еден од најтранспарентите сајтови кога се во прашање јавните набавки. На посебен таб во подгрупи се објавени годишниот план за јавни набавки, распишаните тендери и склучените договори.

Општина Карбинци на својот веб-сајт во делот финансии има објавено годишен план за јавни набавки, активни линкови до ЕСЈН и склучените договори по распишаните јавни набавки.

На веб-сајтот на општина Карпош има посебен таб за тендерска документација, но последните објави се од 2013 година. Исто така има таб за план за јавни набавки, но последната објава е од 2015 година. На сајтот нема линк до ЕСЈН, ниту пак се објавени склучените договори по распишаните тендери.

Општина Кисела Вода на веб-сајтот нема посебен дел за јавни набавки, не се објавуваат тендери и годишни планови за јавни набавки, нема линк до ЕСЈН и не се објавуваат склучените договори по распишаните тендери.

На веб-сајтот на општина Кичево нема посебен дел за јавни набавки, не се објавуваат тендери и годишни планови за јавни набавки, нема линк до ЕСЈН и не се објавуваат склучените договори по распишаните тендери.

На веб-сајтот на општина Конче нема посебен дел за јавни набавки, не се објавуваат тендери и годишни планови за јавни набавки, нема линк до ЕСЈН и не се објавуваат склучените договори по распишаните тендери.

Општина Кочани на својот веб-сајт редовно ги објавува сите распишани тендери за јавни набавки, но не може да се најде годишен план за јавни набавки и објави од склучените договори.

Веб-сајтот на општина Кратово не функционира.

На веб-сајтот на општина Крива Паланка во табот односи со јавност има дел за јавни набавки во кој се објавени активни линкови до распишаните тендери, како и до склучените договори. Сепак, на сајтот не може да се најде годишен план за јавни набавки.

Општина Кривогаштани на својот веб-сајт има посебен таб за јавни набавки каде редовно се објавуваат тендерите и јавните повици, но нема линк до ЕСЈН, ниту податоци за склучените договори.

На веб-сајтот на општина Крушево има посебен таб за јавни набавки на кој има линк до ЕСЈН со објаснување дека таму се објавени сите информации за тендерите. Општината има и посебен дел за план за јавни набавки, но нема последната објава е за 2018 година.

Општина Куманово на својот веб-сајт во делот е-општина има посебен таб за јавни набавки на кој е поставен активен линк до сите објавени тендери и склучени договори. Но на сајтот не може да се најде годишен план за јавни набавки.

Општина Липково нема веб-сајт.

Општина Лозово има посебни табови за јавни набавки, план за јави набавки и склучени договори, меѓутоа функционира самио првиот каде што редовно се објавуваат распишаните тендерите. План за јавни набавки и склучени договори нема.

Општина Маврово и Ростуше има еден од најпедантните веб-сајтови меѓу општините на кој се исполнети сите препораки за транспаретност во набавките односно редовно се објавуваат сите тендери, сите склучени договори, плановите за јавни набавки и има активен линк до ЕСЈН.

На веб-сајтот на Македонска каменица под табот односи со јавност има дел јавни набавки каде редовно се огласуваат сите распишани тендери и повици, но на сајтот не може да се најде годишен план за јавни набавки, ниту линк до ЕСЈН.

Општина Македонски брод на својот веб сајт има таб е-јавни набавки каде во поткатегории се објавуваат распишаните тендери и јавни повици, годишните планови за јавни набавки, но иако има поткатегорија склучени договори не е објавен ниту еден.

На веб-сајтот на Општина Могила има посебен дел за јавни набавки каде редовно се објавуваат распишаните тендери и склучени договори. Исто така има активен линк до ЕСЈН, но не може да се најде годишен план за јавни набавки.

Општина Неготино на веб-сајтот има посебен таб за јавни набавки на кој редовно се објавуваат распишаните тендери преку активни линкови до ЕСЈН, годишните планови за јавни набавки и нивните измени, но не може да се најдат склучените договори по распишаните тендери.

На веб-сајтот на општина Новаци има дел за јавни набавки, но последните објави за распишани тендери датираат од 2016 година. На сајтот се објавени годишните планови за јавни набавки, но нема известувања за склучените договори, ниту линк до ЕСЈН.

Општина Ново Село на својот веб-сајт има посебен таб за јавни набавки, но нема објави за распишани тендери, склучени договори, годишен план за јавни набавки и линк до ЕСЈН.

Општина Охрид е една од ретките која на веб-сајтот уредно ги објавува сите распишани и завршени јавни набавки со активни линкови до ЕСЈН, годишниот план за јавни набавки, како и набавки со вредност под 1.000 евра.

На веб-сајтот на општина Петровец нема посебен таб за јавни набавки, нема линк до ЕСЈН, не се објавуваат годишни планови за јавни набавки, ниту пак склучените договори.

Општина Пехчево на веб-сајтот има дел за јавни набавки, но последната објава е за измена на годишниот план за набавки за 2017 година. На сајтот нема линк до ЕСЈН, не се објавуваат распишаните тендери, ниту пак склучените договори.

Општина Пласница на веб-сајтот нема дел за јавни набавки, не објавува распишани тендери и склучени договори, нема линк до ЕСЈН и не објавува годишен план за јавни набавки.

На веб-сајтот на Општина Прилеп нема посебен таб за јавни набавки, ниту линк до ЕСЈН. Не може да се најдат годишните планови за јавни набавки, а под табот делот огласна табла повремено се објавуваат повици и склучени договори кои се дел од донаторски проекти.

Општина Пробиштип на својот веб-сајт нема посебен дел за јавни набавки, не се објавуваат распишаните тендери и склучени договори, нема линк до ЕСЈН и не може да се најдат годишните планови за јавни набавки.

Општина Радовиш нема веб-сајт.

Општина Ранковце на својот веб-сајт нема посебен дел за јавни набавки, не се објавуваат распишаните тендери и склучени договори, нема линк до ЕСЈН и не може да се најдат годишните планови за јавни набавки.

На веб-сајтот на општина Ресен има посебен таб за јавни набавки каде има активен линк до ЕСЈН, објавен е годишниот план за јавни набавки, но не се објавени склучените договори.

Општина Росоман на веб-сајтот нема посебен дел за јавни набавки, нема линк до ЕСЈН, објавен е тендер за набавка на трактор, не се објавуваат склучените договори од распишаните тендери и нема годишен план за јавни набавки.

Општина Сарај на веб-сајтот нема посебен дел за јавни набавки, нема линк до ЕСЈН, објавени се повици некои на македонски, а некои на албански јазик, не се објавуваат склучените договори од распишаните тендери и нема годишен план за јавни набавки.

На веб-сајтот на општина Свети Николе има таб за јавни набавки под кој е објавен годишниот план за јавни набавки за 2019 година, но последните објавени тендери се од 2010 година. Нема линк до ЕСЈН, ниту пак информации за склучените договори по јавните набавки.

Општина Сопиште на својот веб-сајт нема посебен дел за јавни набавки, нема линк до ЕСЈН, не се објавуваат склучените договори од распишаните тендери и нема годишен план за јавни набавки.

На сајтот на општина Старо Нагоричане има посебен дел за јавни набавки, но нема објава на тендери, склучени договори и годишен план за јавни набавки. На сајтот има линк до ЕСЈН.

Општина Струга на својот веб-сајт има таб јавни набавки кој директно води до ЕСЈН, но не можат да се најдат информации за објавени тендери, склучени договори и годишен план за јавни набавки.

Општина Студеничани нема веб-сајт.

Општина Теарце на сајтот нема посебен дел за јавни набавки, нема информации за објавени тендери на македонски јазик, нема годишен план за јавни набавки, ниту пак линк до ЕСЈН.

На сајтот на општина Тетово нема таб за јавни набавки, не се објавуваат распишаните тендери, нема информации за склучените договори, ниту пак линк до ЕСЈН.

Општина Центар-Жупа на својот веб-сајт нема посебен дел за јавни набавки, не се објавуваат распишаните тендери, нема информации за склучените договори, ниту пак линк до ЕСЈН.

Општина Чаир на својот веб-сајт нема посебен дел за јавни набавки, не се објавуваат распишаните тендери, нема информации за склучените договори, ниту пак линк до ЕСЈН.

На веб-сајтот на општина Чашка има посебен таб за јавни набавки каде е објавен  планот за јавни набавки за 2019 година. На сајтот има линк до ЕСЈН и објаснување за граѓаните и компаниите за тоа како да ги најдат посакуваните информации за тековните и минататите тендери.

Општина Чешиново-Облешево на веб-сајтот под табот општински акти има поткатегорија јавни набавки каде е објавен годишниот план за јавни набавки и се објавуваат распишаните тендери. На сајтот не можат да се најдат информации за склучените договори и нема линк до ЕСЈН.

На сајтот на општина Чучер-Сандево нема посебен дел за јавни набавки, не се објавуваат распишаните тендери, нема линк до ЕСЈН и не може да се најде годишен план за јавни набавки.

Општина Штип има посебен дел за јавни набавки и поткатегорија избрани понудувачи, но ниту се објавуваат распишаните тендери, ниту пак избраните понудувачи. Последниот објавен годишен план за јавни набавки е за 2018 година и нема линк до ЕСЈН.

Општина Шуто Оризари има посебен дел за јавни набавки каде е објавен планот за набавки за 2019 година. Но, нема линк до ЕСЈН, нема објави на распишани тендери, ниту за склучени договори.