Фото: Архива на Мета.мк

Мерките што ги презедоа државните и општинските власти за намалување на загадувањето на воздухот во Скопје се недоволни. Податоците од мерните станици на Министерството за животна средина и просторно планирање за аерозагадувањето на главниот град покажуваат дека зимава воздухот бил позагаден во февруари и март во споредба со идентичните месеци лани.

„Мета.мк“ ги анализираше месечните извештаи за квалитетот на амбиентниот воздух во Скопје за февруари и март 2021 година и ги спореди со идентичните месеци од минатата година. Резултатите покажуваат дека дури 24 дена во месец февруари годинава на мерната станица во Центар, концентрацијата на ПМ 2.5 честички била над максимално дозволената концентрација од 25 микрограми на метар кубен. На мерната станица во Карпош, идентичен загрижувачки резултат е добиен при мерењата во дури 22 дена од изминатиов февруари.

На мерната станица во Центар, среднодневната концентрација на ПМ 2.5 честички во февруари 2021 година изнесувала загрижувачки 48,84 микрограми на метар кубен, додека идентичниот месец лани биле измерени 32,18 микрограми на метар кубен.

На мерната станица во Карпош, среднодневната концентрација на ПМ 2.5 честички во февруари 2021 година изнесувала 39,65 микрограми на метар кубен, додека во истиот месец од 2020 година на оваа локација биле измерени 38,96 микрограми на метар кубен.

Изминатава зима била влошена состојбата и кај регистрираните мерења на ПМ 10 честички во скопскиот воздух. Па така, на мерната станица во Гази Баба, среднодневната концентрација на ПМ-10 честички во февруари 2021 година изнесувала 65,11 микрограми на метар кубен, додека лани во февруари биле измерени 50,33 микрограми на метар кубен. За потсетување, дозволената среднодневна концентрација на ПМ-10 честички е 50 микрограми на метар кубен.

И според бројот на денови во кои е надмината 24-часовната дозволена вредност на ПМ-10 честички, годинава во февруари на мерните станици во Центар и Карпош имало надминување дури 22 дена во месецот, во Гази Баба е забележано надминување во 19 дена, а во Лисиче дури 23 од 28 дена во месецот биле надминати максималните граници на загадување со ПМ-10 честички. Податоците за февруари 2020 година покажуваат дека имало од 5 до 7 помалку денови во кои била надмината среднодневната концентрација на ПМ-10 честички кај сите мерни станици во Скопје.

Покрај значителното зголемување на аерозагадувањето на воздухот во Скопје изминатиов февруари, и третиот месец од годинава на повеќето мерни станици во главниот град бил измерен позагаден воздух од страна на Министерството за животна средина и просторно планирање во споредба со март 2020 година.

Па така, во 16 дена од март 2021 година на мерната станица во Центар и во 12 дена од претходниот месец на локацијата во Карпош, концентрацијата на ПМ 2.5 честички во воздухот била над дозволената вредност од 25 микрограми на метар кубен.

На мерната станица во Центар, среднодневната концентрација на ПМ 2.5 честички во март 2021 година изнесувала 27,05 микрограми на метар кубен, додека идентичниот месец лани биле измерени 24,66 микрограми на метар кубен.

На мерната станица во Карпош, во март годинава било регистрирано намалување на аерозагадувањето со ПМ 2.5 честички, па така среднодневната концентрација на ПМ 2.5 честички во март 2021 година изнесувала 22,48 микрограми на метар кубен, додека во истиот месец од 2020 година на оваа локација биле измерени 26,60 микрограми на метар кубен.

Во делот на ПМ-10 честичките во воздухот, во март 2021 година забележано е минимално зголемување на аерозагадувањето на мерната станица во Гази Баба. Среднодневната концентрација со ПМ 10 честички во март 2021 година на оваа локација изнесувала 36,38 микрограми на метар кубен, додека истиот месец лани на мерната станица во Гази Баба биле измерени 35,84 микрограми на метар кубен.

Според бројот на денови во кои е надмината 24-часовната дозволена вредност на ПМ-10 честички, на мерната станици во Гази Баба е забележано надминување на дозволените концентрации во текот на 9 дена, наспроти минатата година кога истото било измерено за 6 дена во март. На мерната станица во Центар биле измерени и годинава и лани во март во текот на 8 дена биле надминати среднодневните граници од над 50 микрограми на метар кубен на ПМ-10 честички, додека на мерните станици во Лисиче и Карпош имало намалување на загадувањето. Годинава во март граничната вредност на ПМ-10 во Лисиче била надмината 13 дена, а лани 18 дена во текот на месецот. Во Карпош, над 50 микрограми на метар кубен на ПМ-10 честички во март 2021 биле измерени во текот на 9 дена, а лани во текот на 10 дена.

Реакција на Град Скопје

По објавата на овој напис, преку електронска пошта реагираше Секторот за поддшрка на градоначалникот. Реакцијата ја пренесуваме во целост:

Почитувани,

Ве молиме да ја повлечете веста со наслов „Скопскиот воздух во февруари и март бил позагаден од истиот период лани [инфографик]“ достапна на следните линкови https://www.facebook.com/meta.mk.mk/posts/238451137674021 и https://meta.mk/skopskiot-vozduh-vo-fevruari-i-mart-bil-pozagaden-od-istiot-period-lani-infografik/

Бидејќи се работи за агенциска вест, а со цел да се избегне користење на истата во насока на злоупотреба на половично точни односно несоодветни споредбени податоци, а со цел избегнување на продукција и ширење на лажни вести, ве молиме да ја повлечете веста од следниве причини:

А) на чартовите се споредуваат различни параметри (на две од нив се ПМ 2.5, додека на третата е ПМ 10) кои со неспоредливи меѓу себе;

Б) Земени се само 3 од вкупно 5 мерни станици, кои се најнерепрезентативни во однос на останатите;

В) Земен е во предвид бројот на денови во кои е надмината 24-часовната дозволена вредност како критериум кој е помалку релевантен во однос на критериумот максимална среднодневна концентрација на ПМ 10 честички

Стоиме на располагање доколку има интерес од ваша страна и за подетална елаборација на податоците од страна на стручните служби на Град Скопје во текот на следната недела.

Одговор од редакцијата на Новинска агенција Мета

Редакцијата на Новинската агенција Мета им се заблагодарува на претставниците на Секторот за поддршка на градоначалникот за наведената реакција и за забелешките.

Сите податоци во текстот за кој имаат забелешки од Градот Скопје, се земени од официјалните извештаи за загадувањето на воздухот на Министерството за животна средина и просторно планирање:

Во однос на причините поради кои се бара да го повлечеме написот, на градските власти им беше посочено дека:

А) На дијаграмите воопшто не се споредуваат различни параметри кои се неспоредливи меѓу себе. Напротив, се споредуваат просечното загадување со ПМ 2.5 во февруари 2020 година од мерна станица Центар со просечното загадување со ПМ 2.5 во февруари 2021 година од мерна станица Центар. Исто така, се споредува просечно загадување со ПМ 2.5 во февруари 2020 година од мерна станица Карпош со просечно загадување со ПМ 2.5 во февруари 2021 година од мерна станица Карпош. Останатите мерни станици во Скопје, како што може да се види во извештаите посочени погоре, минатата година воопшто не мереле ПМ 2.5. Затоа е споредено просечното загадување на воздухот со ПМ 10 во февруари 2020 година од мерна станица Гази Баба со просечното загадување со ПМ 10 во февруари 2021 година од мерна станица Гази Баба. Истото се однесува и на вториот дијаграм кој ги прикажува податоците од март 2020 година и март 2021 година за истите мерења. Значи, воопшто не е точно дека се неспоредливи бидејќи се споредуваат истите мерења за истиот вид на загадување од истите мерни станици во 2020 година и 2021 година.

Б) Во дијаграмите се земени предвид оние мерни станици во Скопје кои мереле загадување со ПМ 2.5 и во 2020 година и во 2021 година, а такви во 2020 година биле само две, Центар и Карпош. За споредба, во дијаграмите е додадена и мерната станица во Гази Баба која и лани и годинава во дадените два месеци мерела загадување со ПМ 10 честички. Но, покрај податоците кои се прикажани во дијаграмите, во самиот текст е дадена споредба и за другите мерни станици а и прикажани се фотографии од извештаите на Министерството за животна средина и просторно планирање каде се споредени и останатите мерни станици во Скопје. Во однос на тврдењето дека токму овие мерни станици не се репрезентативни, бараме од Градот Скопје подетално објаснување по кој критериум се определува која мерна станица е репрезентативна а која не е?

В) Исто така, јавно бараме официјален одговор зошто бројот на денови во кои е надмината 24 часовната максимално дозволена вредност на загадување на воздухот со ПМ 10 е помалку релевантен критериум во однос на критериумот максимална среднодневна концентрација на ПМ 10 честички? Дали постојат некои истражувања на загадувањето на воздухот кои ги извршил Градот Скопје кои го докажуваат ваквото тврдење или можеби некои релевантни меѓународни истражувања кои го покажуваат истото?

За волја на вистината, пресметката и на просечното загадување со ПМ 10 честички во март годинава во споредба со лани покажува дека годинава загадувањето на воздухот е повисоко од лани во најголем број од мерните станици:

Центар:
март 2020 г. – 36,77 мг/м3
март 2021 г. – 37,75 мг/м3

Карпош:
март 2020 г. – 40,40 мг/м3
март 2021 г. – 41,58 мг/м3

Лисиче:
март 2020г. – 53,97 мг/м3
март 2021г. – 53,44 мг/м3

Гази Баба:
март 2020 г. – 35,84 мг/м3
март 2021 г. – 36,38 мг/м3

Мерна станица Ректорат воопшто не враќа податоци за ПМ 10 честички.

Воедно, на градските власи им беше посочено дека на 14 февруари Новинската агенција Мета објави анализа со споредба на годишно ниво на истите параметри за месеците декември и јануари. Заклучокот беше дека има минимално подобрување на квалитетот на воздухот во јануари, но тогаш Град Скопје немаше никакви забелешки.

Од сите горенаведени причини, Мета се согласи да ја објави реакцијата, но не и да го повлече текстот.