Осмото издание на „Винодонија“, престижниот Скопски вински салон, ќе се одржи на 13 и 14 декември во хотел „Мериот“ во Скопје, информираат организаторите. Настанот кој традиционално ги собира најзначајните имиња од винската индустрија, оваа година продолжува со уште поголем ентузијазам и квалитетна програма.
Како што информираат оттаму, настанот ќе биде отворен за посетители од 15 до 21 часот, овозможувајќи им да уживаат во уникатните вкусови на повеќе од 500 вина изложени од над 70 домашни и странски винарии.
„Винодонија“ годинава го истакнува значењето на винската култура и ја нагласува улогата на Македонија како винска дестинација во регионот. Во богатата винска програма на настанот, посетителите ќе имаат можност да дегустираат разни вина од Македонија и странската винска сцена, но и да откријат и да се запознаат со нови вински приказни, кои ќе ги прераскажуваат уште многу време откако салонот ќе заврши.
Можноста за професионално вмрежување нема да биде изоставена, на настанот ќе присуствуваат менаџери и сопственици на хотели, ресторани и барови, дипломати и медиуми, обезбедувајќи одлична платформа за промоција и нови партнерства. Освен извонредниот избор на вина, „Винодонија“ и оваа година ќе има специјален гастрономски дел, кој ќе го заокружи винското уживање.
Картите за „Винодонија“ се во ограничен број и истите може да се купат онлајн по цена од 1.000 денари за секој ден посебно, а еден мал дел ќе може да се купат и на самиот влез пред почетокот на настанот, по цена од 1.200 денари.