fbpx

Скопскиот „трамвај наречен (пуста) желба“, Груевски го смести во историјата

-

Владејачката партија бега од идејата за трамвајски превоз во Скопје. Откако скопскиот градоначалник, Коце Трајановски, во март 2015 година го стави проектот во мирување, денеска и претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, најави дека наместо трамвај, Градот Скопје ќе набави „зглобни дводелни електрични автобуси со дизајн на трамвај“.

– Иако се планираше, трамвајот не се реализираше само поради високата цена што ја побараа сите производители и можни концесионери, и со која, за да има приближно иста цена како автобусот, требаше две третини од цената да ја субвенционира државата, што заедно со инвестицијата за копање и за поставување шини, како и за набавка на возилата за трамвај, ќе ја чинеше државата годишна субвенција меѓу 11 и 14 милиони евра во период од 30 години – рече Груевски.

По два неуспешни тендери на Град Скопје за избор на фирма која ќе учествува во изградбата на трамвајска линија, во март 2015 година Трајановски го стави овој проект во мирување. Сепак, рече дека Градот не се откажува од овој проект.

– Градот Скопје нема да се откаже од изградба на трамвај. Имаме контакт со странска компанија која предложи во друга форма да го гради градскиот трамвај, така што Градот Скопје со помош на Владата не се откажува – изјави тогаш Трајановски.

Проектот за изградба на трамвај е дел и од изборната програма на Трајановски:

„Градот Скопје ќе продолжи со постапките за изградба на трамвај во Скопје, по пат на јавно-приватно партнерство. Преку овој проект се очекува да се надгради досегашниот концепт на јавен превоз во градот Скопје, кој покажува одделни недостатоци и ќе се воведе побрз и поголем капацитет на јавен превоз на патници“.

Желбата за трамвај датира уште од времето на поранешниот градоначалник, Трифун Костовски. Во 2013 година беше поништен првиот тендер затоа што само една фирма достави понуда, но не ги исполнуваше условите. Веднаш потоа беше распишан вториот, кој заврши без доставена понуда.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Во изминатото деноноќие регистрирани 22 пожари на отворено, осум сè уште се активни

Вкупно 22 пожари на отворено биле евидентирани во последното деноноќие, а од нив утрово се активни осум пожари, информираше Центарот за управување со кризи (ЦУК). Пожарот над село Селце, кој...