Инспекторатот на Град Скопје денеска вршел контроли на автобусите од градскиот јавен превоз, јави „Порталб“.

Мета на градските инспектори биле и ЈСП Скопје и претпријатијата на приватните автобуски превозници  – Слобода Превоз и Макекспрес, потврдил Главниот градски инспектор Мирослав Богдановски.

– Имавме поплаки од граѓаните и сега се вршат инспекции на сите автобуси, и од ЈСП и од приватните превозници. Преку ГПС се следат автобусите, кој не стигнал, кој задоцнил на постојка и дали се движат во правилната лента. Околу техничкиот аспект, ние не го контролираме тој дел – вели Богдановски.

На овие проверки им претходеа проверки од сообраќајната полиција во Скопје на автобуси кои тргнувале или пристигнувале во Скопје, а проверки се правеа и во Гостивар. Проверките уследија по трагичната сообраќајка кај Ласкарци на 13 февруари, во која загинаа 13 лица, а потоа починаа уште тројца од тешко повредените. Последната е 19-годишна девојка, која починала денеска на КАРИЛ.