„Скопски колажи“ – претставување на поетесата Валентина Бакти утре во Буква

Фото: Издавачка куќа Готен

Во кафе-книжарницата Буква, утре (27 јули), со почеток во 20 часот ќе се одржи настанот „Скопски колажи, претставување на Валентина Бакти“, каде српската поетеса ќе се претстави со изложба.

„’Скопски колажи’ е еден вид омаж на Валентина Бакти посветен на Скопје. Се состои од изложба на колажи и писма. Писмата се разменувани за време на нејзиниот резиденцијален престој во Скопје со српскиот актер Ѓорѓе Живадиновиќ Гргур, а колажите се направени од фотографии што ги имаат создавано таа и фотографот Диме Данов“, се вели во описот за настанот.

Од издавачката куќа „Готен“, кои се организатори на настанот најавуваат и музичка изведба и поетско читање на Никола Маџиров, Владимир Мартиновски, Владимир Лукаш, Ѓоко Здравески, Иван Шопов и Андреј Ал-Асади.

Настанот се организира по повод резиденцијалната книжевна посета Бакти која покрај поетеса е и актерка, фотографка и преведувачка. Нејзината прва двојазична книга поезија, „Помеѓу“, ја има објавено издавачката куќа „Антолог“ од Скопје, а втората, „Да се скршат коските“, издавачката куќа „Дибидус“ од Белград. Таа е една од организаторите на Скопскиот поетски фестивал, а ги уредува и списанијата за книжевност и култура astronaut.ba и bludnistih.com.