„Скопје Слагерс“ – првиот македонски бејзбол тим полека но сигурно ги освојува трите бази

Младите во државата што сакаат да спортуваат или пак да научат нешто ново и поинакво, сега имаат уште една опција при изборот на спорт – безјбол. Она што во 2015 година започнало како вон-училишна активност на неколку приватни училишта во државата, во јуни годинава официјално се регистрираше како првиот македонски бејзбол клуб.

Додека повеќето држави во регионот имаат свои бејзбол федерации веќе неколку години, најстариот професионален американски спорт своето место кај нас го пронаоѓа во втората деценија на дваесет и првиот век. На фудбалски терен, адаптиран и прилагоден да одговара на правилата на бејзболот, своите тренинзи деновиве ги одржува „Скопје Слагерс“.

За тоа како дојде до формирање на првиот и единствен бејзбол клуб во државата, за неговото функционирање, но и за плановите и иднината на бејзболот како спорт во Македонија, “Мета.мк“ разговараше со претседателот и тренер во „Скопје Слагерс“, Ѓорѓи Георгиев.

Тој вели дека иницијативата за бејзбол во Скопје датира од пред пет години.

„Идeјата датира уште пред моето вклучување во клубот, некаде во 2015 година, кога група на американци кои живееле и работеле во Скопје (некои од нив уште се тука и се дел од клубот) започнале да организираат бејзбол тренинзи како вон-училишна активност за одредени приватни училишта. Во 2018 година, оваа иницијатива добива свое име – „Скопје Слагерс“ (Skopje Sluggers) со визија клубот и официјално да се регистрира како прв во Македонија и да се формира бејзбол лига во годините кои следувааат. Јас се вклучив некаде на почетокот на следната година, станувајќи единствениот македонски тренер во тимот и веднаш започнавме да работиме на тој прв чекор за регистрирање на тимот“, вели Георгиев.

Скопје Слагерс, првиот македонски бејзбол тим
Тренерот Ѓорѓи Георгиев (десно) со тимот / фото: Skopje Sluggers

Вели дека сè уште не може да зборува за тоа колкав е интересот за тренирање на овој спорт кај нас, бидејќи клубот е нов и потребно е поголемо вложување во промоција на бејзболот.

„Секогаш кога некој ќе ме праша дали има заинтересираност за бејзбол во Македонија одговорот ми е: не знам. Од самиот почеток до сега, најголем дел од децата се деца на луѓе кои живеат тука но не се Mакедонци, и тоа мислам дека е така поради тоа што сè уште немаме вложено многу во промовирање на спортот, бидејќи немавме регистриран тим до неодамна, а сега веќе кога сме конечно регистрирани сме во време на светска пандемија“, додава Георгиев.

Вели дека клубот не би постоел и фунцкионирал без тренерите кои со години се вклучени во градењето на „Скопје Слагерс“ и се една од причините зошто воопшто има бејзбол во државата.

„Тие се заслужни за голем дел од опремата која ја имаме за користење, теренот каде што играме, како и за привлекување на децата кои во моментот тренираат со нас. Исто така, не верувам дека би постоеле без нашите пријатели надвор од државата кои ни имаат помогнато како со финансии така и со опрема со која во моментот играат нашите деца“, вели тој.

Скопје Слагерс, првиот македонски бејзбол тим
фото: Skopje Sluggers

„Скопје Слагерс“ денес има два тима, а своите тренинзи ги одржува на прилагоден фудбалски терен. Поради пандемијата пролетва немало бејзбол, но затоа есенската сезона се одржала со одредени ограничености.

„Тренинзите ни се одвиваат на фудбалскиот терен на ФК „Алумина“, веднаш до ВИП Арената. Најчесто, јас сум тој што ќе дојде прв на тренинг еден час порано за да можам да ги поставам базите и да направам каква-таква трансформација на игралиштето за да заличи на бејзбол терен. Поради годишната разлика, имаме два тима во моментот, до 12 и 16 години, кои тренираат со различни тренери на два различни делови од теренот. Најчесто во годината имаме две бејзбол сезони, и тоа: пролетна, која трае од март па се до крајот на мај и есенска, од август до октомври. Поради пандемијата немавме бејзбол оваа пролет, но се одлучивме да организираме есенска која треаше пократко од изминатите години и со одредени лимитации кога станува збор за бројот на учесници. Па така, оваа есенска сезона имавме вкупно 35 деца кои присуствувале на барем еден од тренинзите, а 24 во просек на секој еден тренинг“, вели Георгиев.

Скопје Слагерс, првиот македонски бејзбол тим
фото: Skopje Sluggers

Клубот финансиски се издржува од донации од странство и од членарината која ја плаќаат децата за тренинзите. Иако се обиделе, сè уште немаат воспоставено никава соработка со Агенцијата за млади и спорт или со некоја друга државна институција, но се надеваат на поддршка и од институциите и од бизнис секторот.

„Освен неколкуте донации на физички лица од странство кои сме ги имале во минатото, се издржуваме од членарината која децата ја плаќаат за тренинзите – па така сме во можност да платиме за теренот на кој што играме, кој досега ни е најголем трошок. Поради тоа што опремата ја имаме како клуб, немаме потреба во моментот од нова опрема – но, бидјеќи планот ни е да го прошириме тимот, за тоа ќе ни биде потребна и дополнителна опрема. Се надеваме дека од следната сезона ќе бидеме во можност да склучиме спонзорство со бизниси од државата и странство, како и да воспоставиме соработка со државните и локални институции. Клучно во ова дефинитивно ќе биде изградбата на вистински бејзбол терен за што се надеваме дека ќе успееме да го направиме во следните неколку години“, додава Георгиев.

Скопје Слагерс, првиот македонски бејзбол тим
фото: Skopje Sluggers

Во изминатите години тимот учествувал на пријателски турнири во Србија, Хрватска и Унгарија, па планот е оваа пракса да продолжи и во иднина кога тоа ќе го дозволи ситуацијата. Георгиев вели дека секој може да игра бејзбол и да биде успешен, и покрај тоа што е еден од потешките тимски спортови.

„Бејзболот е интересен спорт, бидејќи е спорт во кој што повеќе пати нема да успееш во тоа што го правиш, отколку што ќе успееш. Секогаш им велам на децата кои за прв пат започнуваат дека најдобрите играчи во бејзбол го погодуваат топчето само 3 пати од 10 обиди. Во било кој друг спорт, или воопшто сфера на животот, да успееш само 3 пати од 10 обиди би било разочарувачки и најверојатно ќе мора да промениш професија. Во бејзболот не е така и тоа е така бидејќи една од најтешките работи во спортот е да погодиш бејзбол топче. Брзината со која тоа се фрла оди и преку 140, 150 километри на час, а времето на реакција се мери во милисекунди бидејќи топчето се фрла од растојание од само 18,44 метри“, тврди тој.

Тој смета дека е возможно бејзболот да се популаризира и да стане еден од омилените спротови помеѓу младите кај нас.

Скопје Слагерс, првиот македонски бејзбол тим
фото: Skopje Sluggers

„Навистина верувам дека доколку успееме да ја презентираме визијата за спортот и го претставиме бејзболот како спорт во државата, големи се шансите тој да биде доста популарен и да стане еден од оние спортови кои децата би сакале да ги пробаат додека растат. Возможно е од проста причина што штом дознаеш како се игра бејзбол и ги научиш правилата во спортот, мислам дека дека нема назад. Јас сум типичен пример за тоа. Кога за прв пат ми беше претставен бејзболот го мразев бидејќи не разбирав ништо од правила и начини на игра. Ова беше така сè додека не запознав луѓе кои ми објаснија како и што се случува на еден бејзбол терен. Четири години подоцна јас сум тренер на бејзбол клуб во држава каде што не се игра овој спорт“, вели Георгиев.

„Скопје Слагерс“ не застанува овде. Георгиев вели дека првиот чекор е остварен, а целта им е да се формира лига во која би учествувале тимови од целата држава, како и национален тим кој би учествувал на меѓународни натпреварувања во годините кои следуваат.