Скопје и Македонија се прекриени со отпадоци, а поаѓајќи од овој факт Центарот за современи уметности се одлучи да креира интерактивна канта за смет која зборува со минувачите и ги опоменува да не фрлаат ѓубре наоколу, информираат тие.
„Се надеваме дека опоменувајќи ги граѓаните но и надлежните на ваков креативен и по малку хумористичен начин ќе успееме барем малку да влијаеме на подигнувањето на свеста за комуналната хигиена и да придонесеме кон почист град“, велат од Центарот за современи уметности.
Кантата е направена од рециклирани материјали – стара цевка за канализација и во неа е сместена електроника со сензори кои го детектираат движењето и опоменуваат да не се фрла ѓубре наоколу, a кога некој ќе фрли ѓубре, кантата се заблагодарува и ја раскажува својата приказна за ѓубрето во градот. Во својата беседа кантата нуди можност на граѓаните да поразговараат со неа и да ги слушнат причините зошто е валкан градот но и да ги слушнат проблемите со кои се соочуваат мнозинство канти за ѓубре.
„Во наредниот период кантата ќе биде поставена (пред дизајн студиото на Кинг оф принт во близина на кафе Круг и кај Мобилната монтажна галерија во франкофонскиот парк) во центарот на Скопје, а од наредната недела граѓаните ќе можат да се сретнат и да поразговараат со кантата на различни локации“, информираат од Центарот за современи уметности
Кантата е дело на групата Урбани уметнички акции која делува во склоп на Центарот за современи уметности.