Скопје ќе биде домаќин на Европското дебатно првенство во 2026 година

Овој настан претставува признание за долгогодишните напори и посветеност на дебатерите, тренерите и координаторите кои се дел од дебатната програма на МОФ

фото: Младински образовен форум (МОФ)

Младинскиот образовен форум (МОФ) соопшти дека ќе биде домаќин на Европското дебатно првенство за средношколци, кое ќе се одржи во Скопје, во февруари 2026 година.

Овој настан претставува признание за долгогодишните напори и посветеност на дебатерите, тренерите и координаторите кои се дел од дебатната програма на МОФ, велат од таму.

„Пред 20 години, во 2005 година, Македонија беше домаќин и на Светското дебатно првенство кое се одржа во Струга, а тоа беше можност за создавање нови пријателства и размена на идеи што инспирираа идни генерации. Оттогаш па до денес, дебатната програма на МОФ постојано расте и напредува, од зацврстување на локалните клубови до остварување меѓународни успеси. Дополнително, МОФ има организирано три меѓународни дебатни првенства“, се вели во соопштението на Младинскиот образовен форум.

Додаваат оти подготовките за овој голем настан веќе се во тек, а целта е да организираат првенство кое ќе постави нови стандарди, ќе се памети долго и ќе придонесе кон уште поголемо меѓународно етаблирање на нашата дебатна заедница.

„Дополнително, целта ни е да ги инспирираме младите дебатери и да ја промовираме дебатата како алатка за критичко размислување, аргументирано изразување и градење позитивни промени во општеството. Дебатната програма на МОФ нуди бесплатна годишна програма за средношколци, со неделни предавања во Дебатни клубови, водени од обучени предавачи врз основа на стандардизиран курикулум. Средношколците учат за основите на дебатата, аргументирањето, критичкото размислување, тимската работа и јавното говорење преку Средношколски дебатен формат“, велат од МОФ.

На годишно ниво се одржуваат турнири на кои најдобрите тимови и говорници добиваат можност за учество на меѓународни натпревари. Во рамките на програмата е вклучена и универзитетска дебата, со акцент на студентските формати и Британската парламентарна дебата. Целта е да се поттикне култура на дијалог, критичко анализирање на општествените прашања и развивање на ораторските способности кај младите.