Скопје повторно станува регионален центар за технолошка инспирација и знаење со тоа што на 20 септември, во Младинскиот културен центар (МКЦ), ќе се одржи второто издание на интернационалната IT конференција „What The Stack“, еден од најзначајните настани за локалната и регионалната технолошка заедница.
По успешниот прв настан минатата година, организаторите најавуваат четири паралелни сцени, 30 предавачи и повеќе од 600 учесници. На сцената ќе се појават 20 интернационални имиња од светската и европската IT сцена, меѓу кои: Тејас Кумар, Салма Алам-Најор, Даниел Рои, Питер Ван Вилет, Фанис Продромоу, Сара Виеира и многу други.
Темите ќе опфатат веб девелопмент, најнови достигнувања во вештачката интелигенција и практични совети за инженерите и IT професионалците.
„Нашата цел со What The Stack е да изградиме платформа преку која локалната и регионалната IT заедница може да учи од најдобрите, да се инспирира и да создава нови можности за соработка. Ова не е само конференција – ова е движење од заедницата, за заедницата,“ изјави Павлина Бучевска Бошкова, претседател на Base42 и организатор на What The Stack за Мета.мк.

