Изминатите денови сите мерни станици во Скопје, но и во Тетово, Битола и во Куманово константно покажуваат екстремно високо ниво на загадување на воздухот. Утринава многу високо ниво на канцерогените ПМ10-честички беше измерено во скопските општини Центар, Лисиче, Гази Баба и на мерната станица кај Ректорат. Еден степен помало загадување, односно високо, е измерено во Карпош.

Високо ниво на ПМ10-честиките има и во Миладиновци, на двете мерни станици во Битола, Кичево, Тетово, Кочани и во Кавадарци. Мерната станица во Велес покажува средно ниво на аерозагадување.

Во Центар и во Карпош има и многу високо ниво и на честичките ПМ2,5.

Синоќа мерната станица кај Ректорат покажа 650 микрограми на еден кубен метар ПМ10-честички, што е за 13 пати повеќе од дозволените 50 микрограми на кубен метар. Во Лисиче во 23 часот беа измрени 600 микрограми, односно 12 пати повеќе од дозволеното.

Пред два дена мерната станица кај Ректорат измери 981 микрограм на еден кубен метар, што е речиси 20 пати повеќе од дозволените 50 микрограми.

Вообичаено, концетрацијата на ПМ10-честички постигнува максимално ниво во вечерните часови, од 22 часот до 1 часот по полноќ.

Во случај на надминување на прагот од 50 микрограми на еден кубен метар на ПМ10-честички и во пет последователни дена, Министерството за животна средина и просторно планирање треба да издаде предупредување да се користи јавниот превоз, возилата да не се користат без поголема потреба, повеќе лица да се возат со едно возило во исто време, за затоплување на простории да не се користи каков било синтетички материјал и правилно да се користат печките на дрва.