fbpx

Скопје, Битола и Тетово и денеска се задушуваат, а никој не се потресува

-

Утринава Скопје, Битола и Тетово се задушуваат во загаден воздух. Сите мерни станици во Скопје, двете мерни станици во Битола и мерната станица во Тетово покажуваат високо ниво на канцерогените честички ПМ10. Во Карпош, честичките ПМ2,5 се на многу виско ниво, а во Центар на високо ниво.

Синоќа мерната станица во Тетово покажа 592 микрограми на еден кубен метар, што е 12 пати повеќе од дозвелените 50 микрограми, а во Лисиче беа измерени 350 микрограми, што е седумпати повеќе од дозволеното.

За да има намалување на загадувањето од минатата година, требаше индустриските субјекти да ги прилагодат своите капацитети во согласност со оперативниот план за намалување на загадувањето, да се намали сообраќајот, да се забранат старите возила и да се интензивира користењето на јавниот сообраќај и да се гасифицираат домовите, смета Методија Саздов од „Македонски зелен центар“.

– Доколку навистина сакаме да го намалиме загадувањето на воздухот, треба сега да почнеме да работиме за најрано следната година да имаме почетни резултати. Во светот има многу примери на големи метрополи чии водачи се решаваат на радикален чекор во управувањето за намалување на загадувањето и во тоа успеваат за три до пет години. Не гледам причина зошто да не можеме да го сториме тоа и ние. Потребни се авангардни политичари со авангардни и радикални одлуки. Не треба да се гледа секогаш на социјалниот момент на кој ќе влијаат мерките, затоа што здравјето е најважно, па макар и по цена да се забрани и движење со автомобили. Сепак, оваа мерка никогаш не би ја донеле политичарите – вели Саздов.

Аријант Џафери од еколошкото здружение „Еко герила“ вели дека за да се намали загаденоста во Тетово, треба „Југохром“, кој според нив е најголем загадувач, да го прекине производството зиме, а Владата да ги субвенционира филтрите или да им дава плата на работниците што нема да бидат ангажирани и платени од „Југохром“ во тој период.

– На 31 октомври 2015 година, помина една година откако Владата на Република Македонија ја донесе последната одлука во врска со „Југохром“, компанијата што работи во спротивност со три членови на Уставот, три членови на Кривичниот законик и на 51 член на законот за амбиенталниот воздух и законот за чиста животна средина. Оттогаш нема никаква друга одлука ни решение во врска со работата на овој загадувач – вели Џафери.

Ненад Коциќ од еколошкото друштво „Вила зора“ вели дека, за жал, се мисли за загадувањето откако ќе почне, а треба многу пред грејната сезона да се размислува за мерките што треба да се преземат.

– Оваа година имаме поплаки од многу граѓани на Велес дека дрвата што им се платени уште во април, сè уште ги немаат добиено. Затоа се греат со што ќе најдат. Ова уште повеќе ја влошува состојбата со воздухот, па наместо да се насочиме кон алтернативни извори на енергија, некои луѓе користат гуми, пластика, патос, што, секако, не е исправна алтернатива – додава Коциќ.

Душко Груевски од здружението „За нас се работи“, чија главна преокупација е „Битола сака чист воздух“, вели дека она што требаше досега да се сработи за намалување на аерозагадувањето во Битола е долго време ветуваната топлификација. Груевски вели дека Битола е единствена општина во државата која има усвоено програма за следење на квалитетот на амбиенталниот воздух во градот. Но, од нејзиното усвојување во 2013 година досега, ништо важно не е сторено.

– Иако програмата експресно е усвоена на Совет и дадена на реализација, општинскиот татко веројано сметал дека не е многу важна, па ништо не е сработено. Програмата е донесена во 2013 година и ако тогаш се почнеше со реализација, се претпоставува дека загадувањето на воздухот ќе беше намалено за 20 проценти. Ако се изградеше топловодот, значи битолчани ќе имаа шанса да дишат почист воздух – вели Груевски од „За нас се работи“.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Бесплатно демо за платформската игра „Бласфемос“

На Steam може да се симне бесплатно демо од играта Blasphemous. Станува збор за платформска игра за возрасни која функционира како Souls игра, а естетски наликува на старата добра...