Жена од Скопје на 61 години роди здраво машко дете откако 37 години неуспешно се обидувала да остане трудна, објави денес директорката на Клиниката за гинекологија и акушерство (ГАК), Ирена Алексиоска Папестиев, на прес-конференција.
„Во светот на медицината повеќе не постојат граници, и медицината во Македонија може да се мери со онаа во светот. Ова пациентка е прва која е останата бремена со сопствена јајце клетка што била замрзната, која добила ин – витро третман во нашата држава и целата бременост била следена во нашата држава, а породувањето е извршено на ГАК“, изјави Алексиоска Папестиев.
Бебето се вика Петар и заедно со мајката денес се пуштени дома. Директорката на ГАК рече дека овие родители не се откажале од својот сон, не потклекнале на неуспесите, на притисоците од околината и на предрасудите со кои живееме.
Мајката имала богато акушерско минато – имала десет неуспешни ин-витро оплодувања и десет спонтано абортуси. Имала и три претходни гинеколошки интервенции од кои две во Белград, а една на ГАК во Скопје. Во текот на бременоста која била контролирана имала висок притисок и дијабетес, но на крајот сѐ поминало во најдобар ред. Таткото има 65 години, е во пензија и рекол дека тој ќе се грижи за бебето.