Биолозите од Македонското еколошко друштво денеска ги едуцираа скопјани како да создадат дабови садници. На настанот што се одржа во Градскиот парк во Скопје, граѓаните учеа како можат сами да создадат дабови садници за пошумување од собраните желади под стеблата на дабовите дрва. Еко активистот Јане Димески од „Шума во градот“ кој веќе долги години се занимава со граѓанска наука и создавање на садници, го објасни процесот како се создаваат садници во саксии направени од стари весници, кои по една година одгледување ќе можат да се засадат во природа, придонесувајќи кон обновата на шумите.
„Сакаме да го доближиме човекот од градот до природата. Знаеме дека рисот е омилено животно на многумина, иако ретко кој успеал да го види во природа. Затоа сакаме да создадеме спој помеѓу љубовта која народот ја има за балканскиот рис и неговиот опстанок кој е директно поврзан со создавањето на биокоридори. Граѓаните со тоа што ќе создадат дабови садници, кои потоа ќе бидат засадени на точно определни локации кои експертите ги имаат утврдено како биокоридори за балканскиот рис, ќе му помогнат на ова животно полесно да се движи, лови и размножува“, вели Искра Манојлоска, координаторка за комуникации во Македонското еколошко друштво.
Садниците ќе бидат засадени во регионот Буковиќ, кој е од витално значење како биолошки коридор за балканскиот рис, кој е на врвот на мрежата на исхрана во која дел се и зајакот, лисицата, срната, мечката…