Комбинираната електрана ТЕ-ТО Скопје | Фото: Мета.мк

Млаки радијатори и студени домови. Голем број скопјани се жалат дека во изминатиот период иако грејната сезона започна пред речиси еден месец, смрзнуваат во своите домови. Особено е студено наутро и навечер, а дневните температури, кои периодов се нешто повисоки од очекуваните, велат тие, не можат да им ги затоплат домовите. Поплаки има од сите делови на градот, а голем дел се веќе упатени и до Регулаторната комисија за енергетика. Жители на општината Аеродром се жалат дека од почетокот на грејната сезона радијаторите им се млаки, а за да се стоплат деновиве мораат да вклучуваат греалки и клима уреди.

„Плаќаме парно во текот на целата година, но и покрај тоа мораме да трошиме и струја за да се затоплиме. Радијаторите се млаки, тоа не е доволно да се затопли станот, особено наутро и навечер, а имаме мали деца. Иако сè уште има сончеви делови од денот, тоа ниту од далеку не е доволно за да се чувствуваме пријатно дома. Сега во услови на пандемија на ковид-19, кога и сезонските настинки се активни, да ни биде топло дома е многу важно“, велат тие.

Од Балкан енерџи груп, од каде со топлинска енергија се снабдуваат најголемиот број на домаќинства во Скопје, пак, велат дека во моменов немаат дефекти на централниот систем за греење, ниту пак има згради што од таа причина не добиваат топлинска енергија. Посочуваат дека испораката на топлинска енергија ја започнале на 15 октомври и ќе трае до 15 април следната година, но и дека таа зависи од атмосферските услови и надворешните температури.

„Доколку надворешните температури се пониски се испорачува поголемо количество топлинска енергија и обратно, така што корисниците имаат обезбеден комфор и загреани домови согласно стандардите, односно температури во домовите не е пониска од 20 +1 степен Целзиусов. При одредени атмосферски услови, во периодите на високи надворешни температури се прекинува испораката на топлинска енергија, а веднаш по намалувањето на надворешните температури под определените вредности, системот за централно греење повторно се вклучува“, велат во БЕГ.

Жителка на Карпош, пак, вели дека од почетокот на грејната сезона греењето е проблематично.

„Радијаторите минатата недела беа целосно студени. Во периодов работиме сите од дома, децата се средношколци и се на настава од дома, секоја соба е со затворена врата и немаме толку грејни тела за да можеме да се затоплиме. Од БЕГ не советуваа да го испуштиме воздухот од секој радијатор, но ние веќе еднаш го направивме тоа на почетокот на сезоната. Ќе го направиме повторно, но не знам колку пати во годината е навистина потребно да се прави и дали ќе помогне“, вели таа.

Поплаките на граѓаните секојдневно стигнуваат и до Регулаторната комисија за енергетика. Од таму ги советуваат граѓаните доколку сметаат дека дома не им е доволно топло да побараат да се изврши мерење на температурата дома. Доколку е под минималната, имаат можност за процентуално ослободување од фактурата за топлинска енергија за една грејна сезона.

„Во однос на поплаките од граѓаните кои пристигнуваат и до РКЕ, веднаш реагираме до снабдувачот со ургенција да се постапи и да се разреши проблемот и за исходот мора да нè информираат. Правилата гарантираат ниво на температура, но она што е клучно во време на пандемија е личната и корпоративна одговорност да се обезбедат топли домови за сите. РКЕ пристапи и кон измени на Законот за енергетика во кој ќе бидат пропишани казни далеку повисоки од оние кои се сега на сила од 5 000 евра до 7 000 евра. Во иднина казните ќе бидат врзани со процент од вкупен приход што го остваруваат енергетските компании, што е и сугестија од Европската енергетска заедница. Со зголемување на казните, ќе делуваме превентивно и ќе се дисциплинираат операторите на дистрибутивните системи да не се чувствуваат комотно и сериозно да ја сфатат својата улога, а со тоа ќе ги заштитиме потрошувачите. Дополнително измените ќе бидат и во насока веднаш да може да добијат пониски сметки, доколку не ја добијат услугата – а не како сега на крај од грејната сезона во порамнителните сметки“, информираат од Регулаторна.

Од БЕГ, пак, советуваат потрошувачите да ги пријавуваат дефектите и рекламациите за квалитетот на греењето во нивниот Центар за грижа на потрошувачи, но велат дека не се одговрни за сите дефекти и дека гарантираат квалитетно греење само ако домашните инсталации се исправни.

„Нашите екипи проверуваат дали станува збор за проблем во топлинската станица или детектираат проблем на внатрешната грејна инсталација и ги информираат потрошувачите што понатаму да преземат. Според законот за домување одржувањето на внатрешната грејна инсталација, меѓу кое и прочистувањето на грејните тела, испуштање воздух, замена на елементи и слично е одговорност на потрошувачите“, посочуваат од БЕГ.

Кон крајот на октомври од БЕГ информираа декапоради ремонт на гасоводот во Бугарија, од 27 до 29 октомври, ќе биде намалена температурата во објектите кои се приклучени на системот за централно греење.

„Во периодот од 27 до 29 октомври можни се редукции на испраката на топлинска енергија, преку системот на централно греење. Овие редукции нема да влијаат на комфорот на потрошувачите, односно нема да има значително намалување на внатрешната температура на објектите. Причината за ограничување на транспортот на природен гас, како што извести АД ГА-МА, е изведувањето ремонтни зафати на грејниот период на транзитниот гасовод од Бугарија, кон земјава, кои ќе ги извршува бугарската компанија „Булгартрансгаз, ЕАД“, соопштија тогаш од БЕГ.

На 30 октомври БЕГ информираше дека состојбата со испораката на топлинска енергија преку системот за централно греење се реализирала непречено.