Фото: Gervyn Louis на Unsplash

Градот Скопје во текот на следната недела ќе го објави јавниот повик за субвенционирање на граѓаните за купување високоефикасни инвертер клима уреди. Четири месеца откако Советот на Град Скопје донесе одлука со која парите добиени од Владата ќе бидат наменети за субвенционирање на набавка на инвертори како замена за нееколошки начини на загревање во домаќинствата во главниот град на државата, конечно требаа да започне постапката за доделување на вредносните ваучери.

Со оваа мерка треба да бидат опфатени 5.200 домаќинства во Скопје, кои задоволуваат пропишани критериуми, меѓу кои и тоа да се откажат од своите нееколошки печки и нив да ги заменат со клима уреди.

Како што информираат од Град Скопје, новитет оваа година е што граѓаните за да добијат субвенции за инвертери ќе треба доброволно и без надомест да ги предадат постојните печки на дрва, јаглен, нафта или мазут. Средствата што Градот Скопје ќе ги субвенционира се во нето износ не повеќе од 62.000 денари.

На јавниот повик ќе може да аплицираат сите што имаат купено високоефикасни инвертер клима уреди од 1 јануари годинава. Повикот ќе трае до 30 ноември 2020 година или додека не се потрошат превидените средства од Буџетот на Град Скопје за оваа намена. Повикот ќе се реализира согласно со принципот „прв дојден прв услужен“. На Јавниот повик немаат право на учество жителите (домаќинствата) кои имаат станбен објект со приклучок на градско централно греење  без оглед на тоа дали го користат.

Скопскиот градоначалник Петре Шилегов на почетокот на март најави дека со Министерството за информатичко општество го усогласуваат околу нивното барање да се даде опција за електронско аплицирање на граѓаните за парите за инвертори и дека за неколку дена, доколку не се изнајде решение Градот ќе го објави повикот на вообичаениот начин. Сега од Градот не информираат дали постапката за аплицирање ќе биде по електронски пат или не.

Согласно одлука на Владата на РСМ, донесена на крајот на 2019 година, беа одобрени и префрлени на посебна наменска сметка на Град Скопје 322,4 милиони денари. На седница на Советот на Град Скопје беше донесена одлуката за ребаланс, со која се прифатени средствата, а во моментов се вршат подготовки за распишување на повикот за доделување на субвенции, информираат од Град Скопје, без да прецизираат зошто постапката толку се развлекла.

Како што е познато, Владата уште во октомври минатата година донесе одлука за субвенционирање на граѓаните со високоефикасни инвертер клима уреди за домаќинствата, освен во Скопје и во општините Битола, Кичево, Тетово, кои користат енергетски неефикасни уреди за греење на тврдо и фосилно гориво, со што сериозно влијаат на загадувањето на воздухот. Субвенционирањето е замислено преку доделување ваучер со максимален износ од 1.000 евра во денарска противвредност, за набавка на инвертер клима уред за затоплување за домаќинствата што користат дрва или фосилни горива за греење, но не се опфатени со централното греење во Скопје или со гасоводната мрежа во оние градови каде веќе е почната гасификацијата.

Владата тогаш одлучи од ЕСМ да побара, во рамките на акумулираната добивка, да донесе одлука за обезбедување средства во висина од 618.000.000 денари за субвенционирање на граѓаните за набавка на високоефикасни инвертер клима уреди, како и да донесе одлука за обезбедување средства за јавна едукативна кампања за придонесот од имплементација на мерката за здравјето на граѓаните и за начинот на кој таа ќе биде спроведена. Оваа мерка на Владата е дел од имплементација на Програмата за намалување на аерозагадувањето попозната како План за чист воздух, која беше најавена како амбициозен зафат на Владата со кој за две години би требало да го смали загадувањето на воздухот во Скопје до 50%, а во другите градови од 30 до 50%.

Мета.мк уште минатата недела побара од Владата информација за тоа до каде е реализацијата на оваа мерка и дали централната власт има увид во тоа како општините ги искористиле средствата предвидени за ваучерите за инвертори, но до објавувањето на овој текст таква информација не добивме.