Скопјани нареднава зима нема да бидат оставени без парно греење, но прашање е кој ќе затоплува [инфографик]

Фото: Мета.мк

Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги (РКЕВУ) изминатиов месец ги одзеде трите лиценци на компанијата БЕГ за производство, дистрибуција и снабдување со топлинска енергија, по што голем дел од граѓаните на Скопје си го поставија прашањето на кој начин ќе ги затоплуваат нивните домови во претстојната грејна сезона.

Од РКЕВУ за Мета.мк потенцираат дека одземањето на лиценците не значи дека компанијата БЕГ ќе престане да ги исполнува обврските кон своите потрошувачи во Скопје.

„Практично сè додека не се избере нов вршител на енергетската дејност, БЕГ има должност да ја врши јавната дејност за производство, дистрибуција и снабдување на топлинска енергија“, појаснуваат од РКЕВУ.

По одземањето на лиценците, Законот за енергетика вели дека Владата на РСМ ќе треба да го распише јавниот повик за избор на нова компанија што ќе ги дава услугите за кои досега беше задолжен БЕГ.

„Постапката за избор на новиот вршител на дејноста мора да заврши најкасно 90 дена по одземањето на лиценцата на БЕГ, односно најкасно до крајот на септември 2022 година“, велат од Регулаторната комисија.

Доколку јавниот повик е неуспешен и не се пронајде нова компанија што ќе ја испорачува топлинската енергија, тогаш БЕГ ќе треба да продолжи да ги опслужува со парно греење домаќинствата, компаниите и институциите во Скопје.

ЕСМ може да продолжи и годинава да грее

Инаку, кон крајот на јануари годинава Електростопанство на Северна Македонија (ЕСМ) привремено го презеде управувањето со производството, дистрибуцијата и снабдувањето со топлинска енергија од БЕГ и АД Скопје Север. Државната компанија доби средства од владата за оваа намена, што доведе до тоа скопјани да имаат континуирано затоплување на домовите и работните простории во текот на целата грејна сезона.

Владата ќе префрли 6 милиони евра на АД ЕСМ за да се покријат трошоците за парно греење во Скопје

Мета.мк го праша АД ЕСМ дали во моментов се заинтересирани да аплицираат на постапката што треба допрва да ја распише Владата на РСМ за да ги преземат обврските на БЕГ во однос на централното парно греење во Скопје. Од државната компанија велат дека сè уште немаат донесено одлука по ова прашање.

Сепак, доколку неуспешно заврши претстојната постапка за избор на нов производител и снабдувач со топлинска енергија, од АД ЕСМ за Мета.мк објаснуваат дека се подготвени да продолжат со затоплувањето на жителите на Скопје и во претстојнава грејна сезона, која ќе започне во октомври.

„АД ЕСМ има капацитет да ги испорача услугите за греење на градот Скопје, што беше евидентно во минатата грејна сезона, кога се презеде кризно менаџирање преку прокуристи од страна на АД ЕСМ кон БЕГ и Скопје Север, по задолжение на Владата на Р. Северна Македонија“, објаснуваат од АД ЕСМ.

Градот Скопје не е заинтересиран да го преземе парното греење

Освен расправии со министерот за економија Крешник Бектеши, скопската градоначалничка Данела Арсовска околу парното греење засега нема интерес да ја преземе обврската да ги затоплува домаќинствата и компаниите во главниот град. Инаку, и Градот Скопје би можел да се пријави на претстојната постапка за избор на нов вршител на оваа дејност на местото на БЕГ.

„БЕГ е проблем на Владата. Министерот Бектеши треба да си ги знае сопствените надлежности и да ги реши проблемите на граѓаните“, напиша Данела Арсовска на Фејсбук кон средината на јуни, додавајќи дека Градот Скопје нема законска обврска да ги опслужува скопјани со оваа услуга.

Мета.мк во понеделникот испрати прашања до Градот Скопје во врска со оваа тема, во обид да добиеме одговор за тоа што планира да преземе градската власт за на граѓаните од Скопје им биде овозможено централно парно греење нареднава зима. Како по обичај, одговори на нашите прашања од Град Скопје не добивме.

За разлика од раководството на Данела Арсовска, претходниот градоначалник Петре Шилегов го основаше јавното претпријатие Градски енергетски системи (ГЕС) и се обиде од БЕГ да го преземе управувањето со топловодната мрежа во Скопје. Владата на РСМ на 30 јули 2019 година ја даде на трајно користење топловодната мрежа на Градот Скопје, но преземањето на топловодната мрежа беше оневозможено поради одлуката на Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги да не им издадат лиценца на Градски енергетски системи.

Уште се чека на Управниот суд да пресече кој ќе управува со топловодната мрежа во Скопје

Од Регулаторната комисија сега велат дека одлуката да го одбијат барањето на претходното раководство на Градот Скопје за преземање на топловодната мрежа е конечна.

„АД ГЕС Скопје поведе управен спор против Одлуката за одбивање на барањето, но тужбата беше одбиена од Управниот суд со Пресуда У-6.бр.652/2019 од 2 декември 2020 година, потврдена со Пресуда на Вишиот управен суд УЖ-2.бр.165/2021 од 3 јуни 2021 година“, информираат од РКЕВУ.

Тие додаваат дека немаат добиено ново барање од Градот Скопје, односно од нивното претпријатие ГЕС, за издавање на лиценца за дистрибуција на топлинска енергија во главниот град. Од ГЕС, пред да дојде на градоначалничката функција Данела Арсовска, објаснуваа дека Градот Скопје треба да го преземе управувањето со топловодната мрежа, бидејќи градската власт со сопствени средства до 2014 година изградила околу 15 километри од дистрибутивната мрежа.

Расте бројот на корисници на централното парно греење во Скопје

Покрај проблемот што би настанал со снабдувањето со електричната енергија низ целата земја, евентуалниот прекин на централното парно греење во Скопје би предизвикал и дополнителни еколошки проблеми со загадувањето на воздухот во главниот град, бидејќи домаќинствата и компаниите ќе мора да се пренасочат кон греење на струја, огревни дрва или други енергенси.

Она што е најважно, ќе се изгуби довербата кон доверливоста за снабдување со топлинска енергија кај граѓаните, што на земјава веќе еднаш ѝ се случи во минатото во Битола. Повеќе од една деценија во Битола не функционира парното греење, а голем дел од корисниците во станбените објекти се пренасочија кон користење на огревно дрво, јаглен, пелети и струја, што дополнително го зголеми загадувањето на воздухот.

За разлика од Битола каде на дистрибутивната мрежа беа приклучени околу 130 станбени и деловни објекти, во Скопје денес има многу поголем број на корисници на централното парно греење.

Податоците од годишните извештаи за работењето на Регулаторната комисија покажуваат дека од година во година расте бројот на потрошувачи на топлинска енергија, при што рекордната бројка од 61.234 корисници е достигната на крајот од 2021 година. Во оваа бројка влегуваат домаќинствата, образовните институции и другите субјекти кои се приклучени на БЕГ, АД Скопје Север и ЕСМ Енергетика.

Од статистичките податоци може да се забележи раст за околу 10.000 корисници на централното парно греење во Скопје за периодот од 2016 година до денес. Колку за споредба, во 2016 година во главниот град имало 51.313 корисници на топлинската енергија произведена од трите снабдувачи.

Од АД ЕСМ, кои преку ЕСМ Енергетика управуваат со топловодната мрежа на територијата на Општина Гази Баба, за Мета.мк велат дека преку нивната подружница предвидуваат проширување на системот со нови приклучоци за парно греење во Автокоманда, Железара, Триангла, Маџари и Хиподром.

„Станува збор за нови приклучоци за 350 домаќинства во Автокоманда, зајакнување на мрежата, заштеди за домаќинствата и можности за нови приклучоци во Железара, како и приклучување на греење на три нови згради во Гази Баба. Вкупната проценета вредност на инвестицијата изнесува 260.162 евра“, го најавуваат од ЕСМ зголемениот број на корисници на централното парно греење во Скопје.

Допрва ќе се утврдува цената на парното греење за претстојната зима

Од Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги за Мета.мк посочуваат дека сè уште прават анализи на пристигнатите барања што ќе треба да покажат колкаво ќе биде зголемувањето на цената на парното греење во Скопје за претстојната сезона. Сепак, од Регулаторна предупредуваат дека ќе биде неизбежно да се зголеми цената на парното греење.

„Денешната цена на природниот гас на берзите е повеќе од двојно зголемена во однос на јануари 2022 година“, објаснуваат од РКЕВУ.

Јануарските сметки за парно на скопјани ќе им бидат повисоки за 14 отсто

Инаку, РКЕВУ на 31 декември минатата година одлучи да ги зголеми за 14 отсто сметките за парно греење за корисниците во Скопје. Со ваквото зголемување, поради енормниот скок на берзанските цени на природниот гас и електричната енергија во Европа, сметките на граѓаните на почетокот од годинава се вратија на нивото од 2018 година.