Корисниците на централното парно греење во Скопје од утре ќе треба да потпишат нови договори со ЕСМ Снабдување, која е компанијата што го презема снабдувањето со топлинска енергија од БЕГ. Од понеделник потрошувачите ќе бидат известени за потребата од нивно префрлување од претходниот на сегашниот снабдувач со топлинска енергија, за што сопствениците на објекти ќе треба да се обратат до пунктовите.

Од АД ЕСМ денеска информираа дека обемот на произведената топлинска енергија е во согласност со надворешната температура и мрежните правила, додавајќи дека во вечерните часови во овој период кога дневните температури се високи, согласно мрежните правила за снабдување не се испорачува топлинска енергија.

Инаку, од државната компанија денеска информираа дека нема дефекти во производните постројки и дистрибутивната мрежа за топлинска енергија во Градот Скопје, а во моментов се интервенира на повик од граѓани за дефекти во становите или станарските потстаници.

„Бројот на објекти кои пријавиле дефекти пред почетокот на грејната сезона, сега се намалува со нивно санирање, но истовремено во првите денови од почетокот на греењето се појавуваат нови пријави, на кои екипите работат непрекинато, како и центарот за прием на рекламации на бројот 3076-200“, изјави Александра Маројевиќ, помошник на директорот за Производство во АД ЕСМ.

„Дефектите кои во текот на вчерашниот ден до овој момент се пријавени се однесуваат на дефекти од истекување на водата од грејната инсталација и дефекти во топлинските станици на објектите заради кои радијаторите на потрошувачите останале ладни. Во текот на вчерашниот ден и денеска се пријавени околу 600 рекламации од потрошувачи“, изјави таа.

Во моментов 80 објекти се затворени заради истекување од внатрешната инсталација во домовите на потрошувачите, а ќе се приклучат и ќе добиваат топлина од системот откако потрошувачите ќе го отклонат дефектот. Дефектите во топлинските потстаници се спроведуваат по редослед „прв јавен, прв услужен“.