Скопјани ќе предлагаат зелени проекти што мислат дека треба да се финансираат од градскиот буџет

Граѓаните и граѓанските организации во следните денови можат да достават свои предлози за зелено и хумано Скопје, кои мислат дека треба да бидат финансирани од градскиот буџет за идната година. Зелен хуман град најави дека повторно ќе организира граѓански буџетски форум на кој ќе бидат презентирани пристигнатите идеи. Предлозите може да се поднесат преку платформата „МојГрад“, а трите кои ќе добијат најмногу гласови и поддршка ќе бидат поднесени официјално до градските власти преку архивата на Градот Скопје.

Горјан Јовановски, советник на ЗХГ во Советот на Скопје, творец на платформата „Мој воздух“ и долгогодишен активист за почист воздух, вели дека граѓански предлози за позелено и похумано Скопје ќе се доставуваат постојано, пред секоја седница на Советот.

„Во моментов бараме граѓаните да ни предложат проекти за кои треба посериозно финансирање, а за кои сметаат дека се важни за градот и дека треба да се најдат во точките на буџетот на Скопје за идната година, кој треба да се донесе до крајот на годината. Зелени идеи на граѓани беа доставувани и до претходниот Совет, но сите беа одбиени, што не значи дека не можат сега повторно да се поднесат“, вели Јовановски.

Во моментов на платформата постојат повеќе предлози од граѓани и организации кои засегаат повеќе аспекти на градското живеење. Граѓаните бараат да се отворат градски компостари во секоја општина, во основните училишта да има зелени детски градини, мрежи за зафаќање на отпад во Вардар и притоките, отворање работилница за реупотреба и пренамена на стар мебел, забрана за пристап на моторни возила до врвот на Водно и слично.

На платформата стојат и предлозите кои не беа прифатени од претходниот Совет, а кои бараа од градскиот буџет да се субвенционира стерилизација на домашни и маалски миленици, чистење на градот од хаварисани возила, како и идејата напуштената фабрика Купрум да стане студенстски град.

Јовановски вели дека перидов кога се очекува влошување на квалитетот на воздухот во градот ќе бидат актуелизирани и предлозите за подобрување на мониторирањето, што ќе треба да овозможи правилни решенија и акции.

„Ќе побараме оставување на фотоволтаични системи на сите објекти кои припаѓаат на Град Скопје, за да се обезбеди затоплување или ладење со зелена енергија, како и поставување на хипер мрежа на сензори насекаде низ градот, со што сигурно ќе можеме да знаеме каде и колку изнесува загадувањето на воздухот. Ќе имаме почиста слика од каде доаѓаат емисии, колку се домаќинствата загадувачи, а колку  е индустријата. Ќе очекуваме и посериозна работа на Инспекторатот за животна средина и ќе бараме казнување на загадувачите“, вели Јовановски.