По масовните протести во Тетово, и скопјани ќе протестираат против енормното загадување на воздухот и ќе побараат преземање на конкретни мерки за да се реши тоа. Протестот, чие мото гласи „Не се дише“, ќе почне утре, во 12 часот пред просториите на Град Скопје.

На протестот ќе биде побарано надлежните да преземат низа мерки кон предизвикувачите на загадувањето на воздухот.

Тие бараат да се сопре користењето автомобилски гуми како гориво во производството, да се вградат филтри на индустриските капацитети, да се почне со гасификација на Скопје и веднаш да запре секакво сечење дрвја.

Протестот го организира заедница на еко-активисти „Скопје смог аларм“ и граѓанската иницијатива „Заедно за заштита на зеленилото во Карпош 4“.

Денеска во 14 часот во Гази Баба, Лисиче и во Центар беше измерено многу високо ниво на ПМ10-честичките, а во Карпош високо ниво. Во Центар и во Карпош беше измерено и многу високо ниво на честичките ПМ2,5.