Граѓаните и компаниите од Скопје должат над 36 милиони евра за даноци и комунални такси. Според евиденцијата на Градот Скопје долгот се однесува за давачки за данок на имот, данок на промет, данок на наследство и подарок и комунална такса-фирмарина за периодот од 2020 до 2025 година.
Градските власти апелираа до граѓаните и фирмите да ги подмират долговите во најкраток рок, бидејќи се работи за еден од основните извори на финансирање на градската власт.
„Средствата остварени од овие приходи овозможуваат финансирање на основните функции на Градот, изведбата на инфраструктурните проекти, ко-финансирање на услугите што ги даваат комуналните претпријатија и јавните установи како и финансирање на трошоците на средните училишта во Градот Скопје“, посочуваат од Град Скопје.
Сите даночни обврзници можат да направат увид во своите обврски и да ги преземат решенијата за плаќање преку електронската платформа на Град Скопје или да дојдат на даночните шалтери на Град Скопје, секој работен ден од 8 до 19 часот, како и во сабота на 13.12.2025 година.