Основното јавно обвинителство Скопје поведе постапка против 36-годишен скопјанец, кој е осомничен за повеќе кривични дела извршени врз членови на неговото семејство. Според обвинителството, против него се води постапка за кривичните дела телесна повреда, загрозување на сигурноста и предизвикување општа опасност.

Настанот се случил синоќа околу полноќ во семејниот дом во Скопје, каде што осомничениот, според првичните сознанија, извршил семејно насилство врз сопругата и нејзината мајка, нанесувајќи им телесни повреди.

Од Обвинителството информираат дека осомничениот најпрво започнал да вика и да се заканува кон сопругата и нивните две малолетни деца, на возраст од шест и четири години. Во момент кога сопругата побарала од него да престане со агресивното однесување, тој ја фатил за раката и ја оттурнал, при што таа се здобила со телесни повреди.

Ситуацијата дополнително ескалирала кога осомничениот почнал да ја крши покуќнината во домот. Во еден момент зел клуб маса и замавнал кон мајката на сопругата, нанесувајќи ѝ повреди во пределот на ногата и градниот кош.

Според обвинителството, осомничениот упатувал сериозни закани кон присутните, велејќи дека ќе ги убие, а во еден момент се заканил и дека ќе го задави сопственото дете. За време на инцидентот извадил и нож со кој замавнувал кон членовите на семејството, предизвикувајќи чувство на страв, несигурност и загрозеност кај оштетените.

Сопругата успеала телефонски да ги повика својот татко и брат да дојдат на помош. Но, по нивното пристигнување, осомничениот продолжил со агресивното однесување и кон нив, заканувајќи им се со нож.

Дополнително, според информациите од Обвинителството, тој го пуштил во дворот и своето куче од расата шарпланинец, кое нападнало еден од оштетените и го гризнало во пределот на надлактицата и потколеницата, нанесувајќи му повреди во вид на рани од угриз.

Поради сериозноста на настанот и опасноста од повторување на делото, јавниот обвинител до судија на претходна постапка при Основниот кривичен суд Скопје доставил предлог за определување мерка притвор.

Од Обвинителството посочуваат дека при носењето на одлуката за барањето притвор биле земени предвид околностите што укажуваат на можност за бегство на осомничениот, како и ризикот од повторување на насилството врз членовите на семејството.