Скопјанец извршил семејно насилство врз својата четиригодишна ќерка

Во еден момент девојчето се качило на креветот во дневната соба за да ги земе играчките, поради што осомничениот започнал да ја навредува и да ја удира со шлаканици по лицето, нанесувајќи и телесни повреди – набиеница на главата и огреботини на кожата на лицето. Продолжил и со вербални закани дека ќе ја убие

Photo by Caleb Woods on Unsplash

Против 28-годишен скопјанец е поведена постапка за нанесување – Телесна повреда согласно член 130 став 2 во врска со став 1 од Кривичниот законик. Основното јавно обвинителство Скопје ја иницираше постапката поради основано сомнение дека тој, во семејниот дом во населбата Драчево, при вршење семејно насилство, телесно ја повредил неговата малолетна ќерка којашто е родена во 2021 година, и има само четири години.

Според соопштението на јавното обвинителство, додека мајката на детето приготвувала јадење, тоа си играло со нејзините две сестри. Во еден момент девојчето се качило на креветот во дневната соба за да ги земе играчките, поради што осомничениот започнал да ја навредува и да ја удира со шлаканици по лицето, нанесувајќи и телесни повреди – набиеница на главата и огреботини на кожата на лицето. Продолжил и со вербални закани дека ќе ја убие.

Имајќи предвид дека согласно вербалните искази при пријавата на настанот, осомничениот подолго време манифестирал агресивно однесување во семејството, јавниот обвинител оцени дека постои ризик од повторување на насилството со несомнени последици врз нормалниот психофизички развој и воспитувањето на децата.

Исто така, доколку биде пуштен да се брани од слобода, постои опасност од бегство, со цел да ја избегне кривичната одговорност за стореното кривично дело. Од тие причини Основното јавно обвинителство Скопје до судијата на претходна постапка поднесе предлог за определување мерка притвор.