Основното јавно обвинителство Скопје донесе наредба за спроведување истражна постапка против 41-годишен скопјанец за кого постои основано сомнение дека намерно предизвикал пожар во просториите на Адвокатската комора на Република Северна Македонија на улицата „Методија Шаторов – Шарло“.
Против него е покрената постапка за тешки дела против општата сигурност од член 292 став 1 во врска со член 288 став 3 во врска со став 1 од Кривичниот законик
Според обвинителството, на 25 ноември осомничениот со умисла предизвикал пожар од поголем обем, загрозувајќи животи, тела и имот од поголеми размери.
Осомничениот имал набавено секира, плински боци, заштитни ракавици и 48 коцки за потпалување со керозин. Пожарот го предизвикал на начин што прво ја скршил вратата за да може да влезе во просториите, а подоцна ги наредил коцките за потпалување и до нив ги ставил плинските боци.
Пожарот предизвикал значителна штета, проценета на околу десет милиони денари. Непосредно по настанот, осомничениот со своето возило ја напуштил земјата преку граничниот премин „Блаце“ и од тогаш е недостапен за органите на прогонот.