Јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Скопје поведе постапка против 33-годишен скопјанец за продолжено загрозување на сигурноста од член 144 став 3 во врска со став 2 и став 1 од Кривичниот законик, информираат во Јавното Обвинителство.
Kaко што информираат во Обвинителството, во периодот од 5 до 30 октомври, осомничениот со умисла извршил повеќе временски поврзани дејствија што претставуваат повеќекратно остварување на истото дело, упатувајќи сериозни закани дека ќе нападне врз животот на неговата поранешна партнерка.
„Преку писмени и говорни пораки на социјална мрежа тој ѝ се заканувал, вршејќи семејно насилство, а загрозувањето на сигурноста особено се интензивирало откако таа си заминала од домот на осомничениот, бидејќи била постојано изложена на закани и навреди. На 30 октомври, осомничениот започнал агресивно да се однесува пред една клиника каде оштетената била сместена на лекување и се заканил дека ќе го убие нејзиниот брат. Почнал да ја тегне за рака оштетената и да ја принудува да оди повторно со него во неговиот дом, со што кај неа предизвикал чувство на несигурност, загрозување и страв. Јавниот обвинител до судијата на претходна постапка од Основниот суд во Скопје достави предлог за определување мерка притвор за осомничениот“, стои во информацијата од Обвинителството.
