Унапредувањето на пазарот на млечни производи во земјата не подразбира исклучиво инвестиции во агроиндустрискиот комплекс, туку и континуирана едукација на сите засегнати страни во комплексниот процес на млекопроизводството, почнувајќи од фармерите и самите млеко-преработувачи, преку дистрибутерите и трговците, па сè до крајните потрошувачи. Ова беше истакнато на денешната прес конференција во Стопанската комора на Северна Македонија (СКМ): „Значењето на „ладниот ланец“ на дистрибуција во обезбедување на висококвалитетни и безбедни млечни производи“
„Обезбедувањето висок квалитет на производите започнува од преземањето на сировото млеко од фармите, преку дистрибуција, па сè до нивното правилно складирање и чување во продажните места. Ова е посебно важно за кисело-млечните производи, јогуртот, киселото млеко, павлаката и други производи, кои се температурно осетливи и за кои е задолжително, во целиот процес да бидат чувани во специфични услови. Токму тој процес се нарекува „ладен ланец“, а контролирана оптимална температура е од 2 до 8 степени“, изјави Ѓорѓи Петрушев, претседател на Групацијата за производство, откуп и преработка на млеко при СКМ.
Тој рече дека е важна кампањата за едукација на крајните потрошувачи и продавачите по продажни места за значењето на „ладниот ланец“ и придобивките од почитувањето на истиот.
„Преку Организацијата за заштита на потрошувачите треба да се информираат потрошувачите за нивната улога во процесот – од купување во маркетите до складирање во домашни услови. Важно е и тие да бидат запознати со сите процеси што претходат. Доколку дојде до прекин на „ладниот ланец“, се скратува рокот на траење на кисело-млечните производи и доаѓа до промена на квалитетот“, истакна Петрушев.
Петрушев посочи дека, преработувачите се соочени со постојан раст на цената на енергенсите и репроматеријалите (струјата се очекува да поскапи за 20-30 отсто, пет амбалажата, фолиите и др.) што не може да се пренесе во крајната цена поради намалената куповна моќ на потрошувачите, но и поради огромната конкуренција на домашниот пазар.
„Во такви услови, логично е да се бара интервенција од државата преку пакет кризни мерки за оваа индустрија (забрзана исплата на субвенции, бескаматни кредити и сличо). Притоа, целокупниот фокус треба да се насочи кон примарните производители на сурово млеко, затоа што тие се основа на која се потпира целокупната млечна индустрија“, рече Петрушев.