Photo by Bill Oxford on Unsplash

Од вкупниот број на поведени арбитражни постапки во последните пет години, од 2015 до 2020 година, 60 отсто биле спорови без меѓународен елемент, односно само меѓу домашни компании, додека 40 отсто имале меѓународен елемент, покажуваат статистичките податоци од спогодбеното решевање на трговските спорови, Арбитражата, при Стопанската комора на Македонија (СКМ).

Најголем број од постапките, или 42,5 отсто биле со вредност на предметот од 10 до 50.000 евра, додека најмалку или 12,5 отсто имале вредност од 50 до 100.000 евра. Како странки во арбитражните постапки во анализираниот период се трговски субјекти од РС Македонија, Турција, Бугарија, Косово, Романија, Русија, Хрватска, Саудиска Арабија, Србија, Кина и други. Најмногу тужбени барања биле по основ на долг (75 отсто) и за надомест на штета биле (15 отсто).

Ова беше кажано на денешната прес конфереција во СКМ: Бизнисот и арбитражата во ерата на глобализацијата: предизвици и перспективи, на која се посочи дека во последните три години, постапките пред постојаниот избран суд – Арбитража при СКМ, биле за побарувања кои произлегуваат од договори за продажба, за деловна соработка, за јавни набавки, за градење, за вршење услуги на обезбедување и други.

Елена Милевска Штрбевска, потпретседател на СКМ, го акцентираше значењето на арбитражата, давајќи споредба со судските постапки, поради неколку факти: брзината на решавањето на споровите, ефикасноста, непристрасноста, доверливоста и брзото донесување на крајните пресуди и нивно извршување кое најчесто е доброволно од страна на компаниите кои заеднички ја прифатиле пресудата.

„Просечното времетраење на постапките во Арбитража при СКМ постојано се намалува  и во 2020 година изнесува 184 дена, односно приближно шест месеци. Судските постапки во просек лани, според извештаите на Судскиот совет, пред основните судови траеле од 234 до 679 денови, а ако на тоа се додаде и времето за постапките по жалба пред апелационите судови, кое се движи и од 440 до 709 денови, вкупното просечно времетраење во прв и во втор степен изнесува најмалку 600 дена. Ќе се согласиме дека тоа е далеку подолго од арбитражата која завршува во еден степен, како правосилни и извршни“, рече Милевска Штрбевска, која дода дека и вкупните трошоци се пониски од оние при судските постапки и странките имаат автономија при изборот на арбитрите, јазикот и местото на арбитражата, па токму затоа и светските трендови покажуваат сѐ поголемо користење на алтернативните методи за решавање на споровите.

И покрај сите предности, арбитражата сѐ уште недоволно се користи во домашната практика и токму затоа, според Милевска Штрбевска, треба да се работи на развивање на арбитражната култура меѓу деловните субјекти, за што СКМ веќе донесе модерни, нови правила што ги спроведе во практиката во минатиот месец.

„Ако арбитражата се препознае како можност и перспектива од деловниот свет,  верувам дека таа може да стане дел од филозофијата на размислување за водење бизнис, а со тоа и дел од успешната приказна на деловните субјекти во управувањето со правните ризици и решавањето на појавените спорови“, рече таа, потсетувајќи дека и во последниот извештај на ЕК се констатира дека се потребни напори за  подобрување на употребата на алтернативно решавање на споровите.

Од СКМ најавија дека, во рамки на заложбите за развој на арбитражата и доближување на европските искуства, со поддршка на Централно-европската иницијатива (ЦЕИ) следната недела ќе организира меѓународна конференција на истата тема како и на денешната прес конференција: Бизнисот и арбитражата во ерата на глобализацијата: предизвици и перспективи, која ќе се одржи онлајн.