fbpx

Скијачкиот центар Попова Шапка остана жртва на предизборни ветувања

-

Додека скијачкиот центар Попова Шапка се соочува со најлошата сезона во историјата на овој туристички центар, надлежните не се колебаа да даваат нови ветувања, и тоа: вештачки снег, изградба на жичара од Тетово до Попова Шапка, продажба на капацитетите на овој туристички центар, како и реновирање на државните хотели, пишува „Порталб.мк“.

Ова беа само неколку од ветувањата на техничкиот премиер Оливер Спасовски, министерот за економија, Крешник Бектеши и директорот на ЕСМ, Васко Ковачевски кои ги дадоа при нивната посета на Попова Шапка по повод церемонијата за пуштање во употреба на жичарата со шест седишта. И додека функционерите ветуваат, здруженијата за заштита на Попова Шапка велат дека зимско-рекреативниот центар е целосно запоставен.

Вештачки снег

Причината поради која што пропадна оваа туристичка сезона на Попова Шапка беше токму немањето снег. Ова било ветено многу пати, почнувајќи од 2014 година кога беше изградено вештачкото езеро, но не е преземен ниеден друг чекор за воведувањето на вештачки снег на скијачките терени.

Поранешниот директор на Попова Шапка во 2014 година, за „Порталб.мк“, вети дека во ноември истата година, туристичкиот центар Попова Шапка, ќе биде опремен со вештачки снег.

– Вештачкиот снег ќе биде оваа година, минатата година почнавме со изградбата на вештачкото езеро, езерото околу 50 отсто е готово, се надеваме дека оваа година ќе биде целосно завршено. А вештачки снег ќе имаме оваа година почнувајќи од месец ноември – изјавил поранешниот директор на Попова Шапка, Петре Димитриевски, на 27.02.2014 година.

Ветувањата во 2014 година за ова прашање, многу малку се разликуваат од тие дадени годинава.

Бектеши, министерот за економија, на прашање од новинарот на „Порталб.мк“ во врска со тоа кога ќе има вештачки снег на Попова Шапка, не даде рокови, но ја објави цената на проектот.

– Во Студијата е предвидено да се направи и вештачки снег тука на Попова Шапка, ние актуелно одлучуваме кој модел на оваа студија ќе го реализираме како Влада. Јас сум повеќе на мислењето дека треба да се пристапиме кон јавно – приватно партнерство, а вештачкиот снег ќе чини околу 2 милиони евра – рече Бектеши.

Инаку, најголемиот туристички зимски центар во земјата „Маврово“ од 2018 година поседува опрема за вештачки снег која го чинела 700.000 евра и средствата се независно инвестирање на ски центарот „Маврово“.

Жичарата која ќе го поврзе Тетово со Попова Шапка

Во 1965 година, во времето кога туристичкиот центар Попова Шапка сјаел во сите аспекти, била пуштена во функција жичарата Тетово – Попова Шапка и таа била во функција до 2001 година, кога беше исклучена поради конфликтот од истата година.

Жичарата имаше 100 кабини, со капацитет од 400 луѓе. Времето на патување било 40 минути. Жичарата од 8 март, кога започнала со работа, до декември истата година ја искористеле 103.000 луѓе.

Иако постојано имало ветувања за повторно пуштање во функција на жичарата, од 2001 година до денес не е направено никакво поместување во овој правец. Оваа тема беше актуелизирана пред три дена, кога и министерот за економија соопшти дека се доделени 300.000 евра за започнување на овој проект.

– Токму претходната недела, во рамки на седниците во Влада, ние донесовме одлука управниот одбор на македонските централи да започне со подготовки на главниот проект што се однесува до изградбата на жичарата од Тетово до Попова Шапка која ќе биде инвестиција во иднина, и секако после изборите ќе започнат и постапките за ова. Владата во моментов нема поделени средства, и сите средства што се предвидени се во рамки на македонските централи, компанија која е во 100 отсто сопственост на Владата. Ние единствено ги задолживме да поделат 300.000 евра за изготвување на основниот проект и сигурно по завршување на проектот ќе предвидиме и проекти за нејзина изградба – рече Бектеши.

Инаку, неколку недели претходно беше поднесена петиција за заживување на оваа жичара, на која се потпишале 1.500 лица кои бараа од надлежните итно да започнат да работат за нејзино повторно пуштање.

Прв, втор или трет модел за инвестирање?

Физибилити студијата која што беше спроведена од компанијата PwC, по налог на Електрани на Северна Македонија (ЕСМ) и на барање на Владата на Македонија, предвидуваше три модели за инвестирање за судбината на туристичкиот центар Попова Шапка.

Првиот модел беше продажба на капацитетите на овој туристички центар, вториот модел предвидува Попова Шапка да се даде на јавно – приватно партнерство и последниот управување на истиот од страна ЕСМ.

Веднаш после ова, бившиот премиер Заев ја отфрли можноста Попова Шапка да биде управувана од државата, бидејќи како што тој рече, “државата е слаб управител, и не ги знае сите туристички понуди”.

Ковачевски, директор на ЕСМ три дена претходно рече дека институцијата со која раководи е на мислење дека капацитетите во Попова Шапка треба да се продадат и за ова, тој рече дека моментално се врши проценка на капацитети на овој туристички центар.

– Во моментов имаме ангажирано едно биро кое ќе работи на проценка на капацитетите, а потоа заедно со Владата и надлежните министерства ќе одлучиме како ќе се одвива оваа постапка – истакна Васко Ковачевски, директор на ЕСМ.

Со ова не се согласи министерот за економија Бектеши, кој рече дека според него „би било идеално ако Попова Шапка оди на втората опција, и тоа да се даде во јавно – приватно партнерство“.

Инаку, за движењето „Да ја спасиме Попова Шапка“ две од трите алтернативи се прифатливи, тие веднаш ја отфрлија можноста Попова Шапка да се управува од ЕСМ, Мемеди од движењето рече дека најдобро би било овој туристички центар да се даде на јавно – приватно партнерство. Но, и продажбата на капацитетите не центарот, тој оцени како идеја која не е лоша.

„Од трите алтернативи споменати во физибилити студијата, според мене, една од нив, како што е управувањето на овој туристички центар од ЕСМ треба веднаш да се отфрли, бидејќи тие ја имаа оваа можност и потфрлија. Иако верувам дека јавно – приватно партнерство би било најдоброто решение за овој проблем, бидејќи тоа ќе им овозможи на нашите луѓе да работат за овој центар. Сепак, и продажбата не е лоша идеја – рече Менан Мемеди од движењето „Да ја спасиме Попова Шапка“.

Меѓу другото, техничкиот премиер Спасовски пред новинарите изјави дека „важно е да се потенцира дека треба да се изготват добри планови и стратегии за тоа како треба да се развива Попова Шапка“, додека министерот за економија Бектеши изрази оптимизам за развојот на настаните околу Попова Шапка, и притоа дури додаде дека во последните две години имало зголемување од над 8 отсто на бројот на туристи во земјава.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

„Донбас. Вчера, денес, утре“ – документарец во најдобрата пропагандна традиција на Кремљ

Руската амбасада деновиве го сподели на Фејсбук документарецот „Донбас. Вчера, денес, утре“ (2021), во кој се користи една честа манипулација, а тоа е правење збрка во редоследот на настаните, за...