Секој закон што ни овозможува непречено да ги водиме истрагите е од клучно значење за нас. Ова е одговорот од кабинетот на специјалната јавна обвинителата, Катица Јанева, на нашето прашање за став и коментар во врска со измените на Законот за помилување што вчера ги изгласа Собранието, а денеска ги потпиша претседателот Ѓорге Иванов.
„Една од примарните цели на ова Јавно обвинителство е борбата против криминалот и корупцијата и секој закон кој што ни овозможува непречено да ги водиме истрагите е од клучно значење за нас“, велат од СЈО.
Од Специјалното јавно обвинителство за „Мета“ потврдуваат дека до нив стигнале барања од адвокатите на осомнични лица за кои СЈО води истраги, за запирање на постапката.
„Точна е информацијата дека е побарано од страна на адвокатите на осомничените да се стопира постапката и Ве известуваме дека овие барања се уште се предмет на разгледување од наша страна“, стои во одговорот од кабинетот на Јанева.
Меѓу осомничените, според информациите во јавноста се и поранешните министри Гордана Јанкулоска и Миле Јанакиески, шефот на кабинет на поранешниот премиер Никола Груевски, Мартин Протоѓер и други високи функционери на ВМРО-ДПМНЕ.