Специјалното јавно обвинителство (СЈО) до Советот за утврдување факти и покренување одговорност за судија, поднесе претставки против судијките во Основниот суд Скопје 1, Елена Илиевска-Јосифовиќ и Татјана Михајлова.

– Со претставките е побарано да се испита работата на судиите од аспект на нестручно и несовесно вршење на судската функција – стои во соопштението на СЈО.

Судијката Елена Илиевска-Јосифовиќ како судија на претходна постапка одлучуваше по барања на СЈО, меѓу кои и тоа за одземање на пасошот на поранешниот директор на управата за безбедност и контраразузнавање, Сашо Мијалков, за случајот „Трезор“. Таа го одби барање на СЈО за одземање на пасошот како неосновано.

„Од начинот на кој судијата Елена Илевска-Јосифовиќ ја врши својата судиска функција по предметите што се во надлежност на Јавното обвинителство за гонење кривични дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на незаконското следење на комуникациите, произлегува дека истата судската постапка ја водела пристрасно, со злоупотребување на положбата и со пречекорување на службените овластувања“, стои во претставката на СЈО до Советот за утврдување факти.

СЈО претходно бараше изземање на Илиевска-Јосифовиќ од случајот „Трезор“, но судот ги отфрли наводите на Специјалното јавно обвинителство како неосновани.

Судијката Татјана Мухајлова, пак, го суди случајот за насилствата пред Општина Центар од јуни 2013 година, во кој СЈО, меѓу другите, го обвинува и поранешниот премиер и актуелен лидер на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски.

„Судијата Михајлова постапувала несовесно, ненавремено и немарно, што предизвикало одолжување на судската постапка без постоење на законска основа, спротивно на начелото за судење во разумен рок. Со целокупното постапување, судијата Михајлова сторила повреда на прописите, односно нарушување на независноста на судиите при судење, но и грубо повредување на Кодексот на судиите, со што се нарушува угледот на судиската функција“, стои во претставката на СЈО за судијката Михајлова.

На рочиштето за насилствата пред Општина Центар, одржано на 22 февруари годинава, Михајлова ги казни по 2.000 евра специјалната јавна обвинителка Катица Јанева и обвинителката на СЈО, Фатиме Фетаи, бидејќи ја обвинија дека го фалсификувала записникот од претходното рочиште.