fbpx

СЈО побара намалување на казните на осудените во „Шпион“

-

Специјалното јавно обвинителство (СЈО) на денешната јавна седница во Апелацискиот суд ги одби како неосновани најголем дел од жалбите поднесени од 18 обвинети и нивните адвокати на пресудата на Кривичниот суд за случајот „Шпион“.

Обвинителката на СЈО, Елизабета Јосифовска, која го застапува предметот и го образложи ставот на Специјалното јавно обвинителство, рече дека ги прифаќаат жалбите на одбраната во врска со висината на казните на обвинетите за оружјето пронајдено кај Горан Стојков и Цветан Дамјански и во делот од пресудата против Марјан Ефремов за кривичното дело прикривање.

СЈО му предложи на Апелацискиот суд да ги замени затворските казни на Марјан Маџоски, Живко Петковски и на Георги Хаџи-Мицев со условни казни, а за другите обвинети, меѓу кои и првообвинетиот Марјан Ефремов, казните да бидат намалени или ублажени.

„Судот смета дека се основани жалбите што се однесуваат за висината на кривичната санкција и судот има обврска да води сметка за вкупното дејство на казната. СЈО смета дека тие се превисоки и престрого определени. Му предлагаме на судот да ја намали висината на казните бидејќи целта на генералната и на специјалната превенција ќе бидат постигнати и со помали казни“, рече обвинителката на СЈО, Јосифовска.

Во врска со прифаќањето на жалбата за оружјето пронајдено кај обвинетите Горан Стојков и Цветан Дамјански, СЈО побара од судот да биде извршено дополнително вештачење за да се утврди видот на оружјето и на муницијата и документацијата за задолжување и за раздолжување на оружјето.

За делото прикривање, за кое е осуден првообвинетиот Марјан Ефремов, СЈО бара да се прибават дополнителни докази за да се утврди дали предметите поврзани со ова дело се набавени од кривично дело.

Во однос на другите жалби на одбраната кои се однесуваат на утврдувањето на фактичката состојба, на повреда на Кривичниот законик и на Законот за кривична постапка, СЈО предложи тие да бидат одбиени, бидејќи, како што изјави обвинителката Ленче Ристоска по завршувањето на јавната седница, тие немаат „поткрепа и се неосновани“.

– Нашето мислење го базираме на доказниот материјал, кој во конкретниот случај покажува дека првостепениот суд правилно ја утврдил фактичката состојба кога ги прогласил за виновни обвинетите, во оној дел за кој предложивме жалбите да бидат одбиени како неосновани – изјави Ристоска.

Сите обвинети и нивните адвокати на јавната седница посочија дека обвинението и пресудата донесена врз основа на него, се противречни сами на себе и дека станува збор за случај кој е политичко-судска конструкција.

Адвокатот Сашо Дуковски, бранител на обвинетиот Тоше Кошиновски, по завршувањето на седницата во Апелацискиот суд, изјави дека не е изненаден од ставот на Специјалното јавно обвинителство.

– Нема зошто да бидам изненаден. Секој орган, вклучително и СЈО, самостојно го формира своето мислење во рамките на своето застапување. Тие го изложија своето мислење и во голем дел се согласуваат со првостепената пресуда, но побараа драстично намалување на казните. Морам да напоменам дека Апелацискиот суд кој постапува по жалбите на двете страни, не е врзан со предлозите на обвинителството, какви и да се, ниту со предлозите на одбраната. Очекуваме Апелацискиoт суд да донесе одлука согласно законите и длабоко сме убедени во тоа – изјави Дуковски.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Бесплатно демо за платформската игра „Бласфемос“

На Steam може да се симне бесплатно демо од играта Blasphemous. Станува збор за платформска игра за возрасни која функционира како Souls игра, а естетски наликува на старата добра...