„Талир“ е прва истрага за перење пари која ја објави на денешната прес-конференција Специјалното јавно обвинителство. Како што рече обвинителката Фатиме Фетаи тоа е истрага за незаконско финансирање на ВМРО-ДПМНЕ, односно постои основано сомневање дека „првоосомничениот, како претседател на партија“, иако ги знаел прописите, сепак ги прифатил незаконските средства за финансирање, не ги вратил и овозможил незаконско финансирање на партијата.
Доказите на СЈО, според Фетаи, упатуваат на основано сомневање дека првоосомничениот формирал група лица кои собраните средства ги внесувале на жиро сметка на партијата и правеле уплати на име на членови на партијата.
Обвинителката Ленче Ристоска истакна дека политичката партија во 2009 година добила донации во износ од 338.211 евра, односно дека во просек дневно биле уплатувани по 28.184 евра. Во 2013 година, партијата за шест дена добила донации во висина од 185.040 евра, односно дневно добивале донации од по 30.840 евра. Некои од трансакциите биле вршени на секои 20 секунди.
Под истото кодно име СЈО го води и случајот со основано сомневање дека 5 лица направиле кривично дело со злоупотреба на службената положба и овластувања и дека „претседателот на политичка партија“ овозможил незаконски услуги од ДГ АД “Бетон“ – Скопје.
Фетаи најави дека во текот на денот СЈО ќе има 12 барања за одземање на имот, замрзнување на имот или на дел од имот на политичка партија.
„Тракторија“ е истрага во која се осомничени 4 службени лица дека во изградбата на патот Миладиновци – Штип и Кичево – Охрид му нанеле штета на буџетот од 155 милиони евра.
Фетаи рече дека постои основано сомнение дека осомничените постапиле спротивно на условите, дека преговорите ги воделе само со една од двете компании, иако втората доставила пониска понуда.
За случајот „Тревник“, според Фетаи постои основано сомневање дека без одобрение за градба се изградени три викенд куќи, а одобрението го добиле кога куќите биле завршени.
Јанева побара новото парламентарно мнозинство да го избрише членот од законот кој ќе овозможи СЈО да продолжи со работа.
Таа најави дека СЈО ќе продолжи со нови предлози за обвиненија и се дури не ги истражи сите разговори кои ги поседува и ги повика сите кои имаат прислушувани разговори да ги достават до СЈО.