СЈО има уште 6 месеци за истраги и за обвиненија, дали ќе продолжи ќе решат изборите

-

Денеска навршува точно една година откако Специјалното јавно обвинителство (СЈО) ги презеде од Јавното обвинителство предметите поврзани со незаконското прислушување. Со ова, според актуелниот Закон за СЈО, на специјалната јавна обвинителка Катица Јанева и на нејзиниот тим им остануваат уште шест месеци за истраги и за поднесување обвиненија во врска со случаите што произлегуваат од „бомбите“.

Според членот 22 од Законот за СЈО, специјалната јавна обвинителка Јанева „може да поднесе обвинение или да нареди запирање на истражната постапка во период не подолг од 18 месеци од денот на преземањето на предметите и на материјалите во негова надлежност“.

Дали СЈО ќе добие продолжен мандат за истраги и за обвиненија, директно зависи од резултатот од предвремените парламентарни избори, односно од тоа која од политичките партии ќе го добие мнозинството во Собранието и ќе формира влада.

Лидерот на владејачката ВМРО-ДПМНЕ и носител на кандитската листа во четвртата изборна единица, Никола Груевски, на митингот во Штип, во петокот порача дека тој што бара да се пролонгира работата на СЈО, се залага за пролонгирање на политичката криза и нема добри намери за државата.

– Потребно е победата да биде силна за да не може никој да ја пролонгира политичката криза и хаосот во Македонија. Единствена гаранција дека политичката криза ќе заврши на 11 декември се 63 пратенички места за ВМРО-ДПМНЕ и за Коалицијата за подобра Македонија – истакна Груевски.

Носителот на кандидатската листа на СДСМ во првата изборна единица, Стево Пендаровски, на првиот ден од изборната кампања, на 21 ноември, истакна дека ако ја добијат довербата од граѓаните, ќе биде продолжен мандатот на СЈО, а ќе бидат формирани и специјални судски одделенија за процесирање на предметите на Специјалното јавно обвинителство.

– По изборната победа на 11 декември, веднаш ќе се продолжи мандатот на СЈО, со што ќе се овозможи доволно време за процесирање на предметите што произлегуваат од нелегално прислушуваните разговори – изјави Пендаровски, додавајќи дека по изборите ќе биде направен и реизбор на сите судии, за да се овозможи правично, а не судење по диктат на некоја политичка партија.

За продолжување на мандатот на СЈО се заложи и Коалицијата за промени и правда – Трет блок, предводена од Демократскиот сојуз на Павле Трајанов. Тој, исто така, побара веднаш по изборите да биде направен нов договор за формирање специјално одделение во Кривичниот суд, кое ќе ги процесира предметите на СЈО.

Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција и Основното јавно обвинителство на 4 декември лани, на СЈО му предаде 31 предмет од незаконското прислушување, а Јанева и нејзиниот тим добија и случаи од обвинителствата во Битола и во Куманово.

На 15 декември минатата година, специјалната јавна обвинителка соопшти дека СЈО е надлежно и ќе работи по 34 предмети, вклучувајќи го и случајот „Пуч“. На 30 декември, пак, лидерот на СДСМ, Зоран Заев, на СЈО му ги предаде сите материјали, снимки и транскрипти од „бомбите“.

Во досегашниот период од една година, СЈО отвори девет истражни постапки и поднесе две обвиненија против стотина лица.

СЈО во овој период се соочи и со низа опструкции од другите државни институции, особено од Кривичниот суд во Скопје и од Јавното обвинителство.

Последниот ваков случај за кој информираше СЈО  е блокирањето на истрагата за случајот „Таргет“. СЈО во петокот соопшти дека Кривичниот совет на Основниот суд Скопје 1, составен од судиите Владимир Панчевски, како претседател на судот, и судијките Дијана Груевска-Илевска (заменик-претседател на судот н.з.) и Љубинка Башеска (судијката во случајот „Пуч“ н.з.), вторпат одбил да издаде наредба за да може Специјалното јавно обвинителство да изврши претрес на компјутерските системи во еден од телекомуникациските оператори во врска со случајот „Таргет“.

САД ќе го прекинат финансирањето за вакцини за сиромашните земји, но ќе продолжат со одредена помош за ХИВ и туберкулоза

Администрацијата на Трамп има намера да ја прекине финансиската поддршка на САД за Гави, организацијата која помогна во набавката на клучни вакцини за децата во земјите во развој, спасувајќи милиони животи...

Студентската правобранителка на УКИМ: Да ја споделиме маката и да бараме систем кој работи за нас

По низата случувања во академската заедница во текот на изминатите две недели кои следуваа по трагедијата во кочанската дискотека „Пулс,“ попладнево со став се огласи студентската правобранителка на Универзитетот „Св. Кирил...

Српските студенти организираат изложба на кучиња за собирање средства за фамилиите на жртвите од пожарот во Кочани

Студенти на Факултетот за ветеринарна медицина во Белград во недела организираат изложба на кучиња со цел да соберат средства за семејствата на жртвите од пожарот во Кочани. „Ги покануваме сите љубители на...

Започнаа годишните билатерални разговори со НАТО

Денес и утре тим од НАТО – Алијансата предводен од високиот политички експерт и известител за нашата држава Стјуарт Ендрјус ќе учествува на билатералните одбранбени разговори со Алијансата, соопштија од Министерството...

САД ќе го прекинат финансирањето за вакцини за сиромашните земји, но ќе продолжат со одредена помош за ХИВ и туберкулоза

Администрацијата на Трамп има намера да ја прекине финансиската поддршка на САД за Гави, организацијата која помогна во набавката на клучни вакцини за децата во земјите во развој, спасувајќи...