Покрај двајцата починати од село Симница, инфицирани со хантаан-вирусот, другите осум пациенти што беа задржани на лекување ќе бидат пуштени дома бидејќи немаат никакви симптоми, изјави денеска министерот за здравство, Арбен Таравари.

– За сите осум пациенти, последните резултати на испитувањата на антитела во крв се негативни. Сите ќе бидат пуштени дома бидејќи немаат никакви симптоми на болеста. Само еден пациент кој е примен вчера, исто така од село Симница, и кај кој има одредени симптоми, мора да почека седум-осум дена за да се направат испитувања за да се докаже дали постојат такви антитела. Пациентот нема симптоми кои се поврзуваат со треска, освен што има црвенило во грлото – изјави Тарвари на прес-конференција.

Тој нагласи дека целото село, од куќа во куќа, и целото бачило биле дератизирани и дезинфицирани.

Таравари денеска објави и имиња на четворица нови директори на клиниките и нагласи дека не брзаат со смена на директорите, за да се најдат квалитетни кадри кои ќе бидат прифатени од персоналот.

Со Општата болница во Прилеп од сега ќе раководи Илија Јовановски, за директор на Општата болница Струмица е назначен Наќе Гогов, на Специјалната болница за белодробни заболувања Лешок директор ќе биде Исмаил Вахити, а нов раководител на Клиниката за ортопедија е Виктор Камнар.