Во Куманово во текот на последните три дена беа забележани две нови жртви со дијагностициран корона вирус. Во завчерашните податоци на Министерството за здравство, беше објавено дека 73-годишен пациент кој починал, бил хоспитализиран на Клиниката за инфективни болести во Скопје и истиот имал симптоми на болест и коморбидитет. Во меѓувреме, завчера попладне, почина и 27-годишната родилка, која се породи пред една недела и на која ѝ беше дијагностициран корона вирус, но болеста не е пренесена на бебето. Во однос на бројот на заразени лица, после Скопје, Куманово е градот со најголем број регистрирани случаи на корона вирус во земјата.
Алириза Османи, доктор на одделот за заразни болести во Општата болница во Куманово, за „Порталб.мк“ изјави дека и покрај зголемувањето на бројот на заразени лица во Куманово, ситуацијата во моментов е стабилна и се управува добро.
– Во моментов ситуацијата е под контрола. Бројот се зголемува, сепак таа бројка не е огромна и зголемувањето не е драстично. Во моментов, капацитетите се пополнети, но некој пациент заминува, па доаѓа друг и така се пополнуваат – вели Османи.
Сепак, Османи истакна дека имаат недостаток на опрема, како што се механички респиратори во кумановската болница, но постои и значителен недостиг на здравствени работници.
– Можеме да имаме сите таква опрема, но прашање е дали имаме обучен персонал? Тоа е мултидисциплинарна медицина, а суштината не е тоа. Мора да има тимови, не може да работите со само еден тим. Може да имаме и супер модерни болници, сепак ни недостига здравствен персонал, низ цела Македонија, не зборувам само за кај нас. Останува во иднина институциите и Владата да видат, лекарите да имаат многу поповолна позиција во однос на стимулациите, да им се даде што е можно поголема специјализација и да се прими здравствен персонал, без оглед дали се лекари или медицински сестри – изјави Османи.
Во овој поглед, тој нагласува дека состојбата со персоналот е влошена со заминувањето на професионални лекари во западните земји.
– Особено докторите избегаа на запад затоа што имаат подобри материјални услови и лична и материјална безбедност. Додека, кај нас гледаме колку има недостаток на ова. Можеме да ја имаме опремата, но немаме подготвен персонал, а тие не може да се подготват преку ноќ. Опремата можеме да ја купиме уште утре, но за кадрите се потребни 6 години за да се подготви само за лекар и 6 други за специјализација – објасни Османи.
Во меѓувреме, во Куманово вчера беа регистрирани 12 нови случаи, со што вкупниот број на заразени со КОВИД-19 во овој град се искачи на 143. Вкупниот број заразени во нашата земја, според денешниот извештај, е 633 лица.