„Сител“, „Канал 5“ и „Телма“ лани биле најгледани, граѓаните најмногу следеле вести

-

Македонските граѓани на телевизиските канали лани најмногу гледале вести и информативна програма, при што „Сител“, „Канал 5“ и „Телма“ се трите најгледани телевизии во 2019 година, покажува Годишниот извештај на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги (ААВМУ) со податоци за досегот на радиостаниците и уделот во вкупната гледаност на телевизиските станици.

Дури 32,1 отсто од испитаниците одговориле дека на телевизија лани гледале вести, додека 21 отсто од нив ги следеле информативните програми на каналите. Трета најгледана содржина на телевизиите е забавната и/или музичка програма, за која 12,4 отсто од анкетираните лица рекле дека ја следат.

На прашањето „Кои домашни и странски канали ТВ канали ги гледавте вчера?“, 38,62 отсто од испитаниците одговориле дека ја гледаат телевизија „Сител“. Втората најгледана телевизија во 2019 година била „Канал 5“, која во просек лани ја гледале 31,62 отсто од анкетираните. По нив, на листата на најгледани телевизии за 2019 година следуваат „Телма“ со 15,12 отсто, „Алсат-М“ со 14,02 отсто, „24 Вести“ со 12,50 отсто, „Алфа“ со 12,07 отсто и „МТВ 1“ со „11,78“.

Слични истражувачки податоци за четирите квартали од 2019 година се добиени и на барањето да се набројат сите домашни и странски телевизиски канали што ги гледале граѓаните во текот на минатата седмица. „Сител“ е на прва, со 52,78 отсто од испитаниците што одговориле дека ја гледале оваа телевизија во текот на минатата седмица. Втора на листата е „Канал 5“, со 46,39 отсто од анкетираните лица, додека трета е „Телма“ со 23,69 отсто. По нив, на листата следуваат „Алсат – М“ (21,27 отсто), „МТВ 1“ (17,98 отсто), „24 Вести“ (16,79 отсто) и „Алфа“ (16,50 отсто).

И покрај фактот што македонските телевизии се најмногу гледани од граѓаните, анкетното истражување на ААВМУ покажува дека на приемниците лани се гледале и странски канали. Притоа, најголем интерес кај граѓаните имало за следење на каналите „Sport Klub“, „Fox“, „Discovery“ и „National Geographic“.

Истражувањето е направено на репрезентативен примерок на национално ниво, а анкетирањето било извршено со CATI метода – телефонско интервју со помош на компјутер. ААВМУ врши редовни анкети за секој квартал одделно, а еднаш годишно ги сумира и просечните резултати за сите четири квартали.

foom-logo-disklejmer

Текстот е изработен во рамки на проектот „Опсерваторија на медиумските реформи“, што го спроведува Фондацијата за интернет и општество „Метаморфозис“, со финансиска поддршка на „Фондацијата Отворено општество – Македонија“.

Содржината на текстот е единствена одговорност на авторите и на ниту еден начин не може да се смета дека ги одразува гледиштата на „Фондацијата Отворено општество – Македонија“.

Путин не е цар на православието и не придонел за постоењето на Македонија

Објава на Фејсбук му го честита 72-от роденден на рускиот претседател Путин, тврдејќи дека без него дури не би постоела Македонија, па дури ни православието, чиј лидер или цар...