fbpx

Сите зборови на кои „бомбите“ им го сменија значењето

-

Изразите, епитетите, досетките, пцостите, навредите, зборувањето во шифри и сугестиите за брутално насилство што јавноста ги слушна од главните актери во „бомбите“ што минатата година ги објави опозицискиот СДСМ, не само што ја сменија туку и ја „збогатија“ семантиката во секојдневниот урбан говор.

Фразите „Миле ми текна“, „човечиња“, „чоколади“, „криминален до даска“ веќе имаат недвосмилена и јасна асоцијација, за која и контекстот во кој се кажуваат не игра пресудна улога. Прво што паѓа на ум на човек кога ќе се каже „чоколади“ не е кондиторскиот производ, туку разговорот меѓу актуелниот министер за финансии, Зоран Ставрески, и неговата поранешна колешка од ресорот за внатрешни работи, Гордана Јанкулоска.

Фатиме Фетаи, пак, при презентацијата на случајот „ТНТ“ за уривањето на „Космос“, покажа и дел од СМС-пораките меѓу ексминистерот за транспорт и врски, Миле Јанакиески, и извесен Ф.И. (сега починат), кој бил ангажиран за уривањето на комплексот, потсетувајќи дека претходницата на овие пораки ја чувме во „веќе широко познатата фраза „Миле ми текна“ или во овој случај „Миле ми текна друга варијанта – Ние да го смениме таму ДУП-от?“

Еве дел од фразите што ги користат актерите во „бомбите“, а кои останаа запаметени и нашироко употребувани.

Чоколади – синоним за расипничко трошење на буџетски пари, во услови на сиромаштија. Во „бомбата 6“, во еден од разговорите меѓу Ставрески и Јанкулоска, министерот за финансии вели: „Ние сме лудаци. Ние трошиме на чоколада, а немаме леб дома, тоа праиме ние“.

Миле ми текна – Наплив на инспирација за решавање на одреден проблем. Фраза со која поранешниот премиер и актуелен лидер на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, му се обраќа на Јанакиески, кога треба да се заврши некоја работа, а процесот наидува на пречки. Често се споменува во „бомбата 5“, во која двајцата го планираат и го спроведуваат уривањето на „Космос“.

Индијанци – сопартијци и членови на коалицискиот партнер кои од објективни или субјективни причини може да манифестираат непослушност околу некоја работа (па мораат да се втераат во резерватот на она што нивниот водач, односно водачи го испланирале и договориле. Го користат спикерот Трајко Вељаноски и Јанкулоска во разговорот од „бомбата број 18“ за „Хашките случаи“. „Со Индијанциве све е во ред. Е сега со македонскиве…македонскиве Индијанци утре што ќе правам ха, ха“, вели спикерот Вељаноски.

Лудаци – оние (субјектот) што расипнички трошат (купуваат чоколади) во услови на голема сиромаштија. Ставрески го користи во истата реченица со „чоколадите“.

Човечиња – израз кој го користи ексминистерката за внатрешни работи во „бомбата 7“ за луѓето од Пустец кои организрано беа носени во Скопје да гласаат на локалните избори во 2013 година, а според некои индиции и на претседателските и на предвремените парламентарни избори во 2014 година. Истиот израз го користи и за пратеникот од дијаспората Павле Саздов кој целосно ги пренел нејзините зборови како свои во обраќање од парламентарната говорница. „Овој… е чудно човече…“
Јанкулоска: Да де да. Да ти кажам овој Павле Саздов интересно човече е.
Ставрески: Богами тој како… онака како му ги кажува работиве… не у ракавици.
Јанкулоска: Ми се јавува мене и ја му објаснувам тоа, тоа, тоа… ама знаеш ко ја и ти шо си збориме вака на телефон не очекувајќи дека он баш така ќе го каже. А овој баш онака у чело. Што е добро, пратеник го личи така да збори.

Криминален до даска – коруптивен договор преку кој се злоупотребуваат пари од државниот буџет на локално ниво. Ставрески го користи во „бомбата 6“ во разговорот со Јанкулоска, да го опише договорот што битолскиот градоначалник, Талески, го склучил за превозот на ученици во Битола.

Му тече и низ панталони – Опис на некој што е многу исплашен. Вака Груевски во разговорот со Јанакиески во „бомбата број 13“, ликувајќи, раскажува во каква состојба бил Фијат Цаноски поради уривањето на „Космос“.

Он, жената, децата – све у ендек – Закана за тоа што може да му се случува некому ако тера инает на шефовите за некоја споредна работа, за поголема – тоа и се случува. Мартин Протогер, шефот на кабинетот на Груевски, вака зборува во „бомбата број 7“ со Миле Јанакиески, бесен затоа што „мајмунов од Фудбалска федерација намерно не пушта карти за утакмицава, за да не се напуни стадионов“.

ВМРО-МВРО – назив за Министерството за внатрешни работи за време на избори, кога, според Јанкулоска, во „бомбата број 7“, горните катови на зградата на МВР се претворени во партиски штаб на ВМРО-ДПМНЕ, а во канцелариите на приземјето се сместуваат дипломатите на странските абмасади.

Началниче – Израз со кој меѓусебе се обраќаат двајца многу блиски пријатели или синоним за блискост меѓу две лица со склоност кон „подземни“ активности. Според „бомбите“, вака меѓусебно се нарекуваат ексдиректорот на УБК, Сашо Мијалков, и уредникот на телевизија „Сител“, Драган Павловиќ–Латас.

Драгаууу – Извик кога некому ќе му направиш зло и притоа уживаш во тоа. Сашо Мијалков за апсењето на Љубе Бошкоски.

Куртон – Вестите на „Сител“, според уредникот на „Сител“, Драган Павловиќ-Латас, во „бомбата број 4“, кој реагира на содржините со пропаганда за ВМРО-ДПМНЕ. Тој се обраќа на министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска со зборовите: „Значи не претерујте, зошто има од кај твојот Премиер, толку многу порачки што вестите на Сител се куртон обичен, се пропаганда на ВМРО-ДПМНЕ.“

Каменот од блиску доаѓа – Фраза што значи дека ќе настрадаш од своите. Совет на Сашо Мијалков до вицепремиерот Муса Џафери, во „бомбата 2“, во која двајцата се договараат околу поставување на претседател во Врховниот суд.

Тоа на М – „Мерцедес“ од 600.000 евра. Груевски во „31. бомба“ ја користи оваа конструкција за да ја праша Јанкулоска дали го разгледала каталогот со „Тоа на М“ и до каде е работата со набавката.

Лигле – Градоначаникот на Општина Битола, Владимир Талески, според Зоран Ставрески.

Оној со „сеат ибицата“ – Шифра за бизнисменот Сеад Кочан, скроен и употребуван од Никола Груевски во разговорот со Влатко Чинговски во „14. бомба“.

Психијатар – Улогата на Гордана Јанкулоска во нејзината комуникација со републичкиот јавен обвинител, Марко Зврлевски. Јанкулоска во  „бомбата 2“ во разговор со Ставрески вели: „Со него ќе зборам какви се искуствата. А не сакам да го викнам на 10 минути. Пошто и он бара да се видиме и он мене ми треба за поише предмети. Да го испочитувам онака еднаш. И он си има мака таму кај него. Јас како психијатар!“

Некое ливче нека снема – Наједноставна формула за да поништиш некоја постапка. Гордана Јанкулоска, во „бомбата број 11“, го поучува Славе Гошев, член на ВМРО-ДПМНЕ од Струмица и пратеник, што да се направи за да има втор круг на локалните избори во Струмица.

Луда банда – Комисијата за верификација на фактите (Лустрациска комисија). Од разговор меѓу Мијалков и Јанкулоска во „20. бомба“. Мијалков: „Ако нè поддржава тој таму во Антикорупциска“; Јанкулоска: „Во Лустрациска…“; Мијалков: „Во Лустрациска, мада таму не знам шо се поддржава…“; Јанкулоска: „Абе, знаеш таму луда банда се, ама тие се тие за наши шо ги рачунаме…“

Миленичиња – Партиски војници што се вработуваат во државни институции директно по налог на лидерот. Факт кој, како што може да се слушне во „20. бомба“ не ги прави многу среќни министерот за финансии и неговата поранешна колешка за внатрешни работи.

Дил ориентед – Пофлексибилен однос при договарање на некоја работа без да се води многу сметка дали сè е во рамките на законот и на Уставот. Груевски во „бомбата број 34“ му забележува на Јанакиески дека не е доволно „дил ориентед“ за разлика од неговиот колега, вицепремиерот Владимир Пешевски.

Хипо – Погрден прекар кој министерот Зоран Ставревски го користи за министерот Владимир Пешевски. Хипо е името на еден од ликовите од јапонскиот цртан филм „Хипо и чипо“ кои претставуваат нилски коњ и птица. По објавувањето на „бомба 22“ Пешевски изјави дека не се лути заради прекарот.

Спонзорство – Рекет што го спроведуваат локални моќници, членови на владејчката партија, за кој партискиот лидер и премиер на држава дури и кога му кажуваат вели дека не слушнал за нешто такво. Груевски во „11 бомба“ на пратеничката Силвана Бонева, која вели дека „Фирма нема што не е изрекетирана во Струмица“, и ја објаснува суптилната „разлика“ меѓу рекет и спонзорство, која според него е дефинирана од домашното воспитување и љубезноста на тој што бара спонзорство. Груевски: Дали они барале спонзорство? Рекет е уцена, ако не ми дадеш, ќе те затворам. А, спонзорство е спонзорство. Му викаш ако можеш помогни ми.

Кодош – Појава често споменувана во македонскиот општествено-политички живот, за чие дефинирање и употреба е потребно автентично толкување од поранешниот премиер и актуелен лидер на ВМРО-ДПМНЕ, Груевски. Според него, основната дефиниција за овој феномен е: „Кодош е ако нешто, за убава работа ја напраи лоша. Не е кодош ако некои праат група лоши работи – овој да ќути. Значи тоа не е кодош. Треба да каже. Тоа е принципиелно, да се каже“

 

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Оживува пропагандата за непостоечка продажба на органи од украински војници

Проверувачи на факти од Украина веќе пишуваат дека ова видео претставува дел од руската пропаганда. Центарот за борба против дезинформации објавува на Фејсбук дека станува збор за невистина. Во...