„Сите за МКЦ“ со барања до Град Скопје – регуларен конкурс за избор на директор и зголемување на буџетот

Фото: Сите за МКЦ

Движењето „Сите за МКЦ“ денеска објави писмо со барања во врска со Младинскиот културен центар, во кое посочуваат дека целта на акцијата е да се покаже континуираното незадоволство од одлуките на Град Скопје, како и континуираната подршка на МКЦ од граѓаните.

Тие ја информираа јавноста дека досега се доставени две петиции за МКЦ во архивата на Град Скопје – една физичка петиција со над 1.500 потписи (собрани на концертниот собир пред МКЦ на 22 јануари) и онлајн-петиција која ја потпишале 5.000 граѓани.

Барањата во петицијата се исти како и од почетокот на движењето за МКЦ: да се врати програмскиот буџет на МКЦ на ниво на кое бил со години и да има регуларен конкурс за избор на директор на институцијата.

Од „Сите за МКЦ“ бараат секој граѓанин кој се согласува со нивните ставови, писмото да го испрати на електронските адреси на советниците во Град Скопје.

„Кратењето на програмскиот буџет на МКЦ за 92% е крајно неприфатливо и сериозно ја загрозува способноста на МКЦ да ги одржува мноштвото културни настани кои редовно ги одржува години наназад, како фестивалите Здраво Млади, Млад отворен театар и „Синедејс“. Дополнително, поставувањето в.д. директор кој не е од сферата на културата и не е од редот на вработените на МКЦ е крајно нерегуларно и повторно ја загрозува способноста на МКЦ да функционира со полна пареа како што функционирало со години. МКЦ е дом на голем број уметници, музичари, актери, филмски и културни работници и уште многу наши сограѓани кои редовно ги посетуваат настаните во оваа институција. Тој има 50-годишна традиција и во 2022 година ја доби наградата „13 Ноември“ за особени достигнувања во културата. За жал, МКЦ остана речиси единствениот простор и јавна установа која автентично ја поддржува младинската култура“, се вели во дел од писмото.