Триесетина минути пред движењето „Сите за МКЦ“ да одржи протестен собир пред Градот Скопје поради кратењето на буџетот и смената на директорот на јавната установа од областа на културата која е исклучиво посветена на младите, прес-конференција одржа градоначалничката Данела Арсовска. Таа, во свој препознатлив стил на конфронтација, го нападна поранешниот директор и го обвини за криминал најавувајќи кривична пријава.
Арсовска посочи дека не е точно оти буџетот за МКЦ е драстично намален за оваа 2023 година. Како што тврди таа, минатата година на МКЦ од основниот буџет на Град Скопје му биле одобрени 10,7 милиони денари, а оваа година од основниот буџет на Град Скопје се одвоени 8,7 милиони денари. Според неа, намалувањето е вкупно 2 милиони денари. Додека, како што вели таа, буџетот за дотации останал ист.
„Намалувањето колку што можете да видите во вкупен износ е незначително и во ниту еден случај не е затоа што градот Скопје нема интерес оваа институција да функционира туку напротив, Младинскиот културен центар мора да работи и може да работи самоодржливо со капацитетите со кои што располага“, рече Арсовска.
Од „Сите за МКЦ“ велат дека тие зборуваат за програмскиот буџет на МКЦ кој бил скратен.
„Што се однесува на буџетот, се работи за програмскиот буџет на МКЦ. Тоа за дотации доделении од Министерство за култура е друга работа. Програмскиот буџет на МКЦ е скратен. Ги има документите, ги гледавме од Град Скопје документите. Два милиони е сркатен оваа година буџетот што дефинитивно не било предтходни години“, изјавија од неформалното здружение на музичари, уметници, активисти, филмски и културни работници „Сите за МКЦ“.
Арсовска, исто така, го обвини поранешниот в.д. директор Ванчо Богоев дека испумпувал пари од МКЦ, ангажирал хонорарци по партиска линија без да склучи договор со авторска агенција, а на повеќе наврати исплаќал хонорари за 350 до 750 евра.
„Од главната каса на МКЦ се подигнати 100.000 евра без основа за повлекување на овие парични средства, а тоа се над 6,2 милиони денари во готово“, рече Арсовска.
Градоначалничката обвини и за поставувања на раководители на сектори кои немале вработени, а и за сомнителни договори за закуп. Таа му се закани на екс директорот Богоев дека ако не се извини јавно ќе му поднесе кривична пријава.
По Арсовска со демант се огласи Советничка група во Советот на Град Скопје од ВМРО-ДПМНЕ во кој се вели дека Ванчо Богоев не е член на ВМРО-ДПМНЕ.
„Секако дека тоа што посочениот директор не е член на партија не значи дека лошо си ја врши работата и тоа треба да биде причина за било чие разрешување“, додаваат од ВМРО-ДПМНЕ.
Од оваа политичка партија велат дека кратењето на буџетот за МКЦ е драматично, и тоа од 40 на 2 милиони денари.
„Тоа што МКЦ имал зголемени приливи од сопствени средства и избори е само доказ дека менаџментот добро работел и не може да биде причина за казнување и намалување на парите за работа“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Советничката група на ВМРО ДПМНЕ и Коалицијата за Обнова на Македонија најави дека ќе поднесе предлог за зголемување на средствата и буџетот на МКЦ и другите институции од областа на културата под град Скопје.
По изјавите на Арсовска со демант реагираше и МКЦ Скопје, од каде велат дека се шокирани и целосно згрозени од изнесувањата на прес-конференцијата на градоначалничката. Оттаму најостро ги демантираат обвинувања на Арсовска и тврдат дека таа кажува тешки инсинуации, неосновани обвинувања и податоци, како и непоткрепени информации целосно извадени од контекст.
„Истите тие се предмет на клевета согласно законските прописи и нивна цел е целосно нарушување на интегритетот на институцијата и вработените кои се предмет на овие обвинувања“, соопштија од програмскиот колегиум на ЈУ МКЦ и најавија дека утре во 10 часот ќе одржат итна прес конференција за одговор од страна на МКЦ.
Буџетот скратен, директорот спастрен: По половина век постоење, МКЦ Скопје е на колена